ИНТЕРВЈУ | Ленче Николовска „Агротим“: Имаме капацитет да ги искористиме парите од ИПАРД 3, треба навреме да се подготвиме

Парите се наменети за агрокомплексот и за сите потенцијални инвеститори во земјоделското производство, руралниот туризам, бизниси што се водат како услуги на рурално население во кои влегуваат градинки, фризерски салони, спортски објекти, ветеринарни амбуланти, изградба на старски домови и многу други семејни бизниси

Земјоделците, но и преработувачите, како и оние што сакаат да се занимаваат со рурален туризам, пред себе имаат голем предизвик – да искористат неповратни пари што доаѓаат од Европската Унија преку програмата ИПАР 3. Но, за да се стигне до тие пари, патот не е лесен. Во наредниот период се очекуваат и повици за аплицирање. „Слободен печат“ разговараше со Ленче Николовска, директорка на „Агротим“ – консултантска фирма што нуди изготвување апликации и институционална логистика, сè во интерес на запазување процедура и рок на аплицирање.
Николовска вели дека на клиентите останува да имаат идеја што ќе инвестираат, средства и да ангажираат професионалци во изготвување на апликациите. Можностите се големи, а новина со ИПАРД 3 и најголема предност е што ќе може да се добијат 30-50 проценти авансно со потпишување на договорот со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Останатите пари ќе ги добијат по завршување на инвестицијата.

СП: Стартуваше информативната кампања за ИПАРД 3. „Агротим“ веќе е препознатлива специјализирана компанија, која им помага на земјоделците да аплицираат. Со ИПАРД 3, на располагање се дури 250 милиони евра. Ќе имаме ли капацитет да ги искористиме?

– ИПАРД 3 има одлична стартна позиција, а тоа е лидерската позиција во регионот во искористеност на програмата ИПАРД 2. Тоа значи дека веќе се надминати сите слабости, административни, како и подготвеноста кај бизнис -секторот, од ИПАРД 1 кога враќавме средства поради неможноста да се искористат. Охрабрена сум многу, знам дека ќе биде успешна приказната со ИПАРД 3 и поради големиот интерес што постои кај земјоделските производители и кај бизнис-секторот. Овде не мислам само на агрокомплексот, туку на сите потенцијални инвеститори во земјоделското производство, руралниот туризам, бизниси што се водат како услуги на рурално население во кои влегуваат градинки, фризерски салони, спортски објекти, ветеринарни амбуланти, изградба на старски домови и многу други семејни бизниси.
Сигурна сум дека ќе имаме капацитет да ги искористиме овие средства затоа што кај нас има сериозни компании што можат да ги исполнат условите што ги бара ИПАРД, а администрацијата е подготвена и многу им помага на потенцијалните инвеститори. Сакам да ја потенцирам одличната соработка на „Агротим“ со Платежната агенција како и со другите институции во Владата, затоа што само така, со тимска работа, може да се повлечат овие европски пари, кои ќе бидат за модернизирање и за развој на агрокомплексот и за поголем рурален развој. Многу е важна улогата и на локалната власт, затоа што дел од обемната документација се обезбедува од општините и затоа посебна почит имам кон оние градоначалници што ја увидоа важноста на ИПАРД. За останатите праќам апел за соработка и да имаат предвид дека повиците се на одредени рокови што мора да се почитуваат.

Информативната кампања за ИПАРД 3 како „Агротим“ ја започнавме многу порано, што се покажа како исправно затоа што е очигледна потребата од поголема информираност на потенцијалните инвеститори. Прво моравме да ја надминеме недовербата или паушалните изјави дека ние не ги користиме овие средства, дека се враќаат или дека се добиваат со протекции. На сите треба да им е јасно дека нашата држава има капацитет да ги искористи овие средства, а апликантите треба да имаат професионално подготвена апликација. Имено, секое евро мора да ја има својата намена и оправдување. Не проаѓаат малверзации или обиди за манипулации со овие пари. Тие се наменети за сериозни компании, би рекла финансиски моќни, кои наместо да инвестираат сè од сопствени средства, 50 или 60 проценти им враќа државата. Но, нивните инвестиции не се само профит за компаниите, тоа значи зголемено производство, намален увоз на прехранбени производи, извоз, влез на девизи, нови работни места, рурален развој, развој на една општина, привлекување странски туристи… и многу други придобивки за државата.

СП:  За што се земјоделците може да очекуваат пари?

– ИПАРД 3 опфаќа неколку мерки, кои се наменети за различни инвестиции.
Мерка 1 – Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства (земјоделска механизација, изградба, системи за наводнување, садници, опремување на фарми).

Мерка 3 – Инвестиции во физички средства за преработка и маркетинг на земјоделските и на рибните производи (откупни центри, изградба и опремување производствени капацитети за преработка на овошје и зеленчук, млеко, месо и сл.).
Мерка 7 – Диверзификација на фармите и развој на бизниси.
Најголем интерес, односно најпопуларна е Мерка 7 – во која влегува и руралниот туризам и за кој има особен интерес. Преку „Агротим“ веќе имаме склучено неколку договори за изградба на хотели, ресторани и други објекти и бизниси во рурално подрачје. За ИПАРД рурално подрачје е населено место до 30.000 жители, што значи дека и градовите како Струга, Валандово, Дојран, Ресен… сите тие се подобни за инвестирање преку Мерка 7.

СП: Кои повици се во тек, или кои најскоро може да ги очекуваме?

– Најбрзо, според најавите на Платежна агенција е Мерка 3, но од ИПАРД 2 и ќе биде наменета за опрема во веќе изградени објекти како и поставување фотоволтаици за сопствени потреби.

Потоа до крајот на годината ги очекуваме Мерка 1, Мерка 3 и Мерка 7. Динамиката на повиците ќе ја диктира АПФЗРР, ќе има претходни најави така што сите што се заинтересирани ќе бидат навреме информирани. Директорот на Агенцијата Бачовски, министерот за земјоделство Николовски, како и тимови од Агенцијата се постојано на терен и преку директни контакти ги информираат земјоделските производители и компаниите. Исто така и посетата на позитивните примери на фирми што имаат искористено ИПАРД средства се одлична мотивација и охрабрување за сите што размислуваат да инвестираат.
Важно е да се каже дека со подготовка на апликациите и документацијата треба да се започне многу порано, односно кога ќе излезе повикот во најголем дел да бидеме спремни, а не тогаш да почнат да се собираат документите.

СП: Долго време сте на некој начин логистика во земјоделскиот сектор. Која е Вашата порака за земјоделците?

– Мојата главна порака до сите е да не бидат скептични, да се интересираат за можноста да добијат грант, да ангажираат професионалци при подготовка на документацијата и да го модернизираат производството или сопствениот бизнис. Има еден процес што многу ми се допаѓа, а тоа е интересот од страна на млади луѓе како и бизнисмени што досега не се занимавале со земјоделско производство или туризам, кои инвестираат и праќаат јасна порака до сите дека иднината ни е во аграрот и во руралниот развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот