ИНТЕРВЈУ Филип Деркоски: Одлично е чувството кога ќе се вратите победнички во пливачките води!

Гледав да бидам што поактивен со различни вежби на суво за да ја одржам формата, но ништо не може да го замени пливањето како спорт, вели нашиот пливач.

Ексклузивно за веб порталот на „Слободен печат“ зборуваше победникот на првиот Крушевски пливачки маратон „Тоше Проески“ како дел од Македонскиот куп во далечинско пливање, Филип Деркоски.

Деркоски е член на пливачкиот клуб „Орион“, триумфираше во категоријата пливачи родени 2022 и постари со време 43.10 и на тој начин воедно освои 15 бодови. Сите резултати од првата трка во машка и женска конкуренција можете да ги погледнете ТУКА

Како што најавија и од Националната пливачка федерација наредна трка од Купот е предвидена за 16 август која ќе се одржи на Охридското езеро, на историското место Св. Наум.

Деркоски уште од рана возраст ја покажува љубовта кон пливањето, со самата истрајност да атакува со сето срце за највисок пласман. Тоа веќе и го докажува, а и покрај долгиот период во претходните месеци без активности, желбата и храброста за нови успеси не се менуваат.

После подолга пауза повторно си активен во натпреварувањата за оваа година, го освои првото место на Крушевскиот пливачки маратон, какво е чувството повторно да се биде во пливачките води?

– После пауза од цели 3 месеци поради светската пандемија со корона вирусот, се вратив повторно во базените. Целиот начин на живот во текот на денот за време на вонредната состојба ми се промени. Гледав да бидам што поактивен со различни вежби на суво за да ја одржам формата, но ништо не може да го замени пливањето како спорт. Чувството после толку долга пауза кога ќе се вратиш во пливачките води е одлично, а особено како победник на првиот Крушевски пливачки маратон „Тоше Проески”. Задоволен сум од постигнатиот резултат, но ќе ми треба подолг период за да се вратам на тоа што бев. Тренинзите се со помал интензитет во однос на претходно, но сѐ ќе си дојде во свое време. Наше е да тренираме.

Како се одлучивте за пливањето, што беше клучно да бидеш дел од овој спорт?

– Пливање почнав да тренирам од мои 6 години. Најзаслужни за тоа се моите родители, кои како и сите други сметаат дека за добар раст и развој на детето во текот на таа возраст најбитно е спортувањето, а најмногу пливањето што го потврдуваат и многу домашни, светски здравствени и спортски експерти. Понатаму, тоа тренирање прерасна во љубов кон овој спорт што резултираше со одлични успеси.

Кои се твоите најголеми досегашни успеси на домашната и меѓународната сцена?

– Досега имам освоено многу дипломи, медали, пехари од домашни и меѓународни натпреварувања. Неколку зимски и летни државни првенства, сум прогласуван за најдобар пливач во моја и апсолутна категорија. Досега најголем успех ми е учеството на светското првенство во пливање се одржа во Гвангжу, Јужна Кореја минатата 2019 година. Таму постигнав нови лични рекорди во дисциплините 400м и 800м слободно. Воедно истата 2019 година сум прогласен и за најуспешен пливач на годината во апсолутна категорија на мажи.

Член сте на пливачкиот клуб Орион, какви се условите во кои тренирате, дали сте задоволни?

– Да, член сум на пливачкиот клуб „Орион” од Скопје уште од самиот мој почеток со пливање, а воедно и негово создавање како клуб. Тренер ми е Јане Карајованов и соработката со него, другите тренери и останатите членови на клубот е одлична. Условите во нашата држава и не се баш сјајни во споредба со соседните држави како Србија, Бугарија, Грција, а уште помалку ако се споредиме со останатите европски и светски држави. Ние се трудиме колку можеме максимално да го искористиме тоа што ни се нуди, се надеваме дека работите ќе тргнат кон подобро и ќе има промени што ќе резултираат со поголем успех кај пливачите, а и самото македонско пливање како спорт во светски рамки.

Кои натпреварувања те очекуваат до крајот на годината?

– Во тек е македонскиот куп во далечинско пливање. Ми остануваат уште неколку маратони на различни места во државата, а за понатаму до крајот на годината не знаеме како ќе се одвиваат работите поради ситуацијата со вирусот. Засега нема натпревари што со сигурност би се одржале, па останува да видиме како ќе биде во периодот што следи.

Дали имаш омилен пливач или пливачка, или воопшто спортски идол според кој се водиш, што те мотивира?

– Кога бев помал, како и на повеќето пливачи на таа возраст, идол ми беше легендарниот пливач и олимпиец Мајкл Фелпс. Моментално не можам да одвојам идол или омилен пливач/спортист. Ги следам повеќето светски пливачи и пливачки и нивниот начин на живот и гледам да применам дел од истото во своја полза. Самото нивно напорно тренирање ми дава мотив и јас така да продолжам.

Покрај пливањето, дали имаш други спортови кои ги сакаш, со кои се занимаваш рекреативно, некое хоби..

– Секако дека постојат и такви. Би ги издвоил фудбалот и кошарката. Моментално не сум многу активен на тоа поле, но некогаш наоѓам време и за нив кога ми дозволуваат обврските. Во склоп на одржување на физичката подготвеност често пешачам на Водно, трчам или вежбам на кејот на Вардар.

Кои се желбите кои што сакаш да ги оствариш во пливачката кариера, од аспект на учество на големи натпреварувања, медали, рекорди..

– Како олимписки кандидат, моментална најголема желба и цел ми е да учествувам на олимписките игри во Токио кои требаа да се одржат во јули и август 2020год, но поради пандемијата се одложија за следната година. Исто така, како цел во текот кариерата можам да ги сметам и соборувањето на неколку државни рекорди во различни дисциплини.

Што според тебе треба да го краси еден пливач за да успее да дојде до добар резултат?

– Најбитна од сѐ е упорноста, не само во пливањето туку и во било кој друг спорт и секој аспект од животот. Без посветеност и истрајност ништо не може да се постигне. Напорното тренирање, добра организација на време и правилна исхрана, исто така се многу битни фактори за успех на еден пливач или спортист. Доколку секој ги земе во предвид и се придржува кон нив, успехот е неизбежен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот