Интервју Дуња Иванова: Спортот ми ја надополнува енергијата, ВК Енерџи со мали чекори кон големи промени!

Дуња Иванова која е претставник на велосипедскиот клуб Енерџи од Скопје е државниот шампион со освоени три први места на Државното друмско-ридски, Државното друмско-хронометар и Државното првенство во планински велосипедизам, како дел од годишниот календар на Велосипедската федерација на Македонија.

Ваквиот успех претставува најзначајно достигнување на еден спортист, за Иванова која целиот нејзин живот се дружи со велосипедот, врвните резултати не би дошле без тимска работа заедно со ВК Енерџи.

Ексклузивно за веб изданието на „Слободен печат“, за нејзината соработка со велосипедскиот клуб Енерџи, како може уште повеќе да се промовира овој спорт кој неодминливо контемплира со природата, и многу повеќе прочитајте во продолжение.

Вие сте годинешниот државен шампион во велосипедизам со освоени први три места, колку сте задоволни од постигнатиот резултат?

– Фактот што самата титула „државен првак“ го претставува најзначајното достигнување за еден спортист во текот на календарската година на натпревари, секако дека понира мотивација и позитивни чувства. Тоа што станува збор за три државни првенства од различни категории и дисциплини подразбира посебна подготовка, умешност, фокус, издржливост што исто така придонесува кон свесноста за капацитетот на натпреварувачот и неговата адаптибилност. Мојот мотив сепак, тргнува од една сосема поинаква природа која се дистанцира од проекција на идејата или потребата да се биде прв или да се биде победник на конкретна трка. Поттурнувањето на сопствениот лимит е борба со најсилниот за мене противник, самата со себе. Токму таа борба е предизвикот кој во изминатиов период ги растреперува пеперутките во мојот стомак и поттикнува силна волја која ете, овој пат, во форма на едно спортско достигнување отвора нови хоризонти.

Кога започна љубовта кон овој спорт, што беше пресудно да бидете дел од истиот?

– Со велосипедот се дружам целиот мој живот, пред сè како превозно и рекреативно средство во сите годишни времиња и услови, и особено во функција на секојдневието и обврските со моите две деца. Велосипедот едноставно е амблемот на мојот живот, особено што автомобил речиси воопшто и да не користам. Но, велосипедизмот како спортска определба и тренингот како подготовка за една трка на пример, претставува нешто сосема различно од аспект на интензитетот, физичката, но и ментална подоготвеност која се бара од еден натпреварувач. Јас имав среќа да ги запознаам момците од ВК Енерџи кои како „ретки билки“ со трпение и позитивна мотивираност ме „турнаа“ во таа адреналинска бура која значи натпревар. Љубиша Кондев ме води низ лавиринтите на тренингот, се разбираме лесно и делуваме конкретно и во функција на времето со кое располагаме. Секој кој барем еднаш се „инфицирал“ од чувството на себенадминување, а особено што станува збор за спорт кој неодминливо контемплира со природата, веројатно тешко дека некогаш ќе се врати на претходниот животен тек.

Претставник сте на Велосипедскиот клуб Енерџи од Скопје, кои се вашите досегашни најголеми успеси?

– Успехот го гледам во тоа што сум дел од ВК Енерџи. Веројатно и најголемиот успех. Можноста да инвестирате во себе и сопственото здравје низ призмата на спортот, во друштво на луѓе кои ја негуваат љубовта кон велосипедизмот како пасија, како силна страст и без никаква материјална придобивка, е ретко и привилегирано чувство кое дополнително го зголемува мотивот за успех. Така што моите резултати не би биле мои без Љубиша, Новко, Мац, Мартин и Микиќ, но и без Злате и Дачо од Бајкстоп, или без Перо, Јенс, Жан..Никогаш не знаете како еден збор, една реченица во вистинско време ќе ја промени вашата животна матрица. Така што, успесите преточени во медали денес се тука, утре можеби не. Луѓето и спомените се тие што го чинат животот.

Од ваш аспект како гледате на велосипедизмот во Македонија, има ли простор дека може многу повеќе да се промовира спортот за интересот на луѓето да биде уште поголем?

– Како и во изведувачката уметност, така и во овој спорт, истрајноста претставува најголемиот фактор кој младите ги води кон успех и достигнување. На тој пат мотивацијата е клучна, посебно за децата кои се во развој. Нашата држава несомнено располага со природни ресурси, во вид на патеки погодни за учење и тренинг. Сметам дека недостасува организиран и конципиран пристап во вид на младинска школа предводена од тренерите на клубовите, а поддржана од институциите, која водејќи се по утврдени методолошки скалила ќе инвестира во велосипедизмот како дисциплина која поседува потенцијал. Ваквиот пристап ќе се аплицира и на целокупната вело култура, прилагодувањето на инфраструктурата во градовите, развивање на свеста за околината и пред сè како клуч за економичност на времето.

Воедно по професија сте и концертен пијанист, наставник, доктор на науки по естетика и автор на неколку книги и публикации, како успеавте да одржите баланс, таа врска со успехот и во велосипедизмот?

– Дисциплината во изучувањето на музички инструмент каков што е пијаното на пример, преку секојдневно повеќечасовно посветување на нотниот материјал, е речиси истиот принцип кој тренингот го изискува, бара за овој спорт. Оттаму, речиси и воопшто да не чувствувам оптеретување во однос на рутината, затоа што истата ја практикувам од свои шест години од кога почнав да свирам пијано. Спортот во голема мера ми ја надополнува енергијата која денот од мене ја очекува, така што сигурна сум, во последнава година балансирам одлично.

Дали рекреативно се занимавате со други спортови кои исто така ве исполнуваат во животот?

– Фитнес Револуција е местото каде што изминатава година покрај сила го интензивирам чувството на среќа. Со Огнен и Никола поместуваме граници во однос на фитнес програми фокусирани кон заеднички цели. Инаку, планината е секогаш мојата оаза како место за скриен мир и задоволство во сите годишни времиња и временски услови.

Здравјето како и секогаш било и ќе биде приоритет, со оглед и на ситуацијата со ковид-19, кои се вашите желби за понатаму, вашите очекувања за наредната 2021 година?

– Очекувам да се промениме. Да се разбуди свеста за другиот и совеста дека сите сме одговорни едни за други. За жал, пандемијата го покажа тоа на најсуровиот начин. Сакам да верувам дека за некои вредности за кои станавме свесни ќе бидеме благодарни и кога сето ова ќе стивне.

И дека конечно ќе прифатиме да живееме надвор од таа т.н. „комфорна зона“, ќе се грижиме за природата повеќе, инклузија ќе значи сите за еден, а не обратно, ќе љубиме повеќе, а ќе завидуваме помалку, ќе зборуваме за музика и уметност, ќе одбереме велосипед наместо автомобил…. ВК Енерџи со мали чекори размислува за големи промени, а Медитеранот е пикот кон кој целиме на пролет, исклучителен предизвик за секој маунтинбајкер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот