ИНТЕРВЈУ Д-р Венко Филипче: Вакцината за ковид-19 за сите граѓани ќе биде бесплатна

Венко Филипче / Фото: Слободен печат.

Ние се уште не знаеме која ќе биде цената за вакцината, но дефинитивно државата ќе издвои буџет и вакцинирањето ќе биде бесплатно. Имаме два механизми во овој момент за набавка. Едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација, вели министерот Филипче.

Министерот за здравство, доктор Венко Филипче, во интервју за ,,Слободен печат” ја оценува состојбата со пандемијата со коронавирусот во земјава како стабилна, поради тоа што не се оптоварени болничките капацитети и поради тоа што неколку недели по ред, процентот на новозаразени е околу 7 проценти. Сепак, здравствениот систем стратешки се подготвува за евентуално лоши есенски сценарија иницирани од комбинацијата на пациенти со грип и на оние со ковид, а можни се и рестриктивни мерки во одредени региони доколку тоа е потребно.

До крајот на октомври ќе бидат готови и 16 модуларни болници, таканаречени ,,ковид центри” ширум земјата, во непосредна близина на актуелните болнички капацитети. Вакцината од Оксфорд во земјава ќе стигне преку партнерство и соработка со Полска и ќе биде бесплатна.

Министре, дали е точно дека Светската здравствена организација и дава финансиска поддршка на нашата земја според бројот на заразени и починати, односно дека, колку повеќе заразени пациенти со ковид-19 имаме, толку повеќе пари во државниот буџет се слеваат од СЗО?

– Не, тоа е апсолутно лажна вест. Соработката со Светската здравствена организација која што практично започна уште на почетокот на кризата апропо коронавирусот, беше во насока на споделување искуства од Кина и од Италија, понатаму во насока на препораки кои произлегуваа од искуствата на другите земји и координација на активностите меѓу нив во регионот и во Европа. Апсолутно нема никаков финансиски бенефит, ниту од бројот на пациенти, ниту од починати, тоа е дефинитивно една лажна вест.

Венко Филипче / Фото: Слободен печат.

Во врска со вакцинацијата, ќе имаат ли нашите граѓани достапност до оксфордската вакцина и дали таа ќе биде скапа да се набави? Колку пари ќе го чини здравствениот осигуреник да се вакцинира против ковид-19?

– Ние се уште не знаеме која ќе биде цената за вакцината, но дефинитивно државата ќе издвои буџет и вакцинирањето ќе биде бесплатно. Имаме два механизми во овој момент за набавка. Едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација. Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Во меѓувреме, добивме и понуда од полската амбасада, за што сакам да му изразам благодарност на амбасадорот на Полска во нашата земја. Земјите членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина ,,Астра зенека”. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Таков е пристапот. Дефинитивно, со два механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно.

Дали стравувате дека луѓето нема да сакаат да се вакцинираат против ковид-19 и треба ли да имаме државна стратегија и јавна кампања за подигнување на свеста кај населението со оглед на антиваксерската пропаганда што го има зафатено јавниот дискурс?

– Јас мислам дека свеста за значењето на вакцините е подигната, особено по минатогодишната епидемија со морбили. Кога болеста ја нема, се чини дека не сме толку свесни и луѓето забораваат, па тогаш има и силно влијание од антиваксерите. Така после одреден број години сериозно опадна процентот на вакцинација од морбили и се јави таа епидемија на почетокот на минатата година која за кратко време успеавме да ја сузбиеме. Но тогаш, за разлика од сега, еден дополнителен инструмент во рацете ни беше вакцината. Сметам дека сега, кога има болест за која нема вакцина, луѓето стануваат свесни колку вакцинацијата е всушност важна. И затоа мислам дека апсолутно нема да има отпор така како што имало во минатото, зашто болеста е тука, свесни сме и за нејзината тешка форма кај некои пациенти и нема да има отпор кај граѓаните тогаш кога вакцината ќе биде достапна.

Дали ќе има некаков финансиски надоместок и подигнување на платите на вработените во болницата ,,8 Септември” која се трансформираше во ковид центар?

– Да. Работиме на обезбедување средства во Фондот за здравствено осигурување за луѓето кои директно работат со овие пациенти да добијат зголемување на сумата за дежурства, зашто сега оваа сума е помала од онаа што ја земаат колегите на Клиниката за инфективни болести каде што работат со истата група пациенти. Имавме неколку средби со претставници на синдикатот и со директорот на болницата и за многу кратко време тие ќе земаат за 50 проценти повисок надоместок од сегашниот, за дежурства.

Венко Филипче / Фото: Слободен печат.

Што е она од кое стравувате како сценарио, за есента што ни претстои?

– Зголемен број на пациенти од друга патологија, како сезонски грип, кои би ги окупирале истите одделенија каде сега се лекуваат пациентите од ковид. Тоа ќе значи дополнително оптоварување на здравствениот систем. Од друга страна, поради поинтензивните и чести контакти во затворени простории, што не е случај во летните месеци, ќе доведе до зголемен ризик од трансмисија на коронавирусот. Менаџирањето на болничките капацитети е еден од најсериозните индикатори дали добро се менаџира кризата. Ние во ниту еден момент немавме пренатрупани полници или пациент да не може да биде сместен заради тоа што нема место. Такво беше италијанското сценарио. Во ниту еден случај немавме огромен број на позитивни од вкупниот број направени тестови, нешто што моментално се случува во некои земји од регионот. Цело време имавме еден константен процент на позитивни тестови, кој опаѓа од 10 на 7 проценти. И тоа е индикатор како се менаџира кризата, зашто тоа значи дека имаме увид каква е проширеноста во земјата и меѓу граѓаните. Кога би имале висок процент на позитивни резултати од вкупниот број на направени тестови, тоа би било индикатор дека кризата не се менаџира добро и дека нешто се пропушта. Поради овие два параметри, можам да кажам дека кризата добро се менаџира.

Од аспект на болничките капацитети и медицинскиот кадар, какви се прогнозите за есенскиот бран? За колкав број заболени сме подготвени за на есен?

– Стратегијата ни е пациентите со коронавирус целосно физички да ги одделиме од постојните болнички капацитети, за да тие продолжат со нормална работа и да нема застој за другите пациенти. Во таа смисла овие 16 мини инфективни одделенија во кои ќе работат специјалисти и сестри од болниците, ќе бидат во дворовите исто како моделот до Инфективната клиника. Тоа ќе бидат модуларни болници споени со тунел до болниците и мислам дека овој пристап е одличен. И Хрватска планира сличен систем со модуларен влез пред болниците. Оваа работа требаше да започне порано, да се обезбедат средства од Светска Банка, но сега е во проектната единица и ќе се реализира до крајот на октомври.

Неколку месеци наназад, најавувате дека на есен ќе се воведат ,,тврди” мерки. Кои се тие и каде ќе се воведат?

– Имаме изработено план кој треба да се финализира следната недела. Според овој план ќе се носат таргетирани мерки во општина, регион или град, согласно епидемиолошката состојба таму. На пример, ако во некој град процентот на позитивни отскокнува од бројот на направените тестови, односно ако има експоненцијален раст на новозаразени, има нејасна епидемиолошка поврзаност, тогаш предвид доаѓаат рестрикции за работното време на рестораните, или пак целосно ќе се забранат собири, или пак во период од недела или две ќе нема комуникација со транспорт и јавен превоз, за местото да се изолира целосно. Значи мерките ќе се таргетирани, со цел да нема проширување на национално ниво во цела држава. Планот опфаќа собири, угостителски објекти, училишта и градинки и јавен превоз. Многу е битна индикацијата, а не само да има зголемен број на заразени. На пример има зголемен број заразени во Демир Хисар но тие се во болница и не треба целиот град да трпи рестрикции. Не е само бројката индикатор, туку и целата епидемиолошка слика, а таа се добива од анкетите и прашалниците. Доколку утвридме дека има голем ризик за одреден регион, тогаш ќе се аплицира планот.

Венко Филипче / Фото: Слободен печат.

За шест месеци колку што трае пандемијата, имаме голем број оздравени пациенти од ковид и сигурно ги следите последиците од оваа инфекција. Што му се случува на пациентот кој ќе го прележи коронавирусот, во смисла на последици?

– Огромен број пациенти имаат асимптоматска или лесна форма на болеста и после прележувањето немаат никакви последици. Но видовме и пациенти кои имаат тешка форма и нивниот опоравок траеше многу долго. Манифестацијата на болеста е еден момент за кој нема правила. Пациентите со хронични болести имаат потешка манифестација, зашто оваа болест им се придодава на хроничната болеста на белите дробови, или на срцето или на крвните садови, бубрезите, црниот дроб. Видовме многу пациенти со тешка клиничка слика и практично, слика на белите дробови каква што не се гледа кај ниту една друга болест. Ним им беше зафатено целото белодробие, сериозно им беше компромитирана оксигенацијата на крвта и оттука настапија компликациите како смртни случаи и тешко пореметување на дишењето за време на лекувањето. Но, во подоцнежните фази и кај огромен број пациенти со лесна клиничка слика, апсолутно целосно закрепнување и целосно враќање во секојдневните активности. Видовме и пациенти со тешка клиничка слика кои имаа сериозна терапија, долго време беа во болница, а сега се вратени во секојдневните активности. Кај нив закрепнувањето траеше подолго време. Но, не видовме некаква трајна последица во смисла на трајно оштетување.

Кои се најкомплицираните случаи што ги имаме во болниците или сме ги имале изминативе 6 месеци и какви ефекти вирусот им предизвикал. Значи кои се искуствата кои ви ги кажале лекарите за најтешките пациенти?

– Тешка форма на пореметување на крвта со целосно губење на клетките кои се одбрана на организмот. Тоа беше детектирано со специфична анализа на крвта и таа состојба бараше посебна терапија. Понатаму, дифузно зафаќање на белите дробови, онеспособување на крвта да прима кислород. Тие пациенти или завршуваа на кислородна маска или на неинвазивна вентилација или на респираторна машина. Понатаму, тешка форма на оштетување на бубрезите, тешка форма на оштетување на црниот дроб, оштетување на мозокот поради недоволна оксигенација, што се најтешките компликации на вирусот и тие во најголем процент завршија со смртен исход. Ова е вирус кој ги напаѓа сите органи и нема правило. Поголем ризик имаат пациентите со хронична болест, 80 проценти од починатите кај нас се со хронично заболување но, имаше и помлади луѓе без хронична болест, а имаа тешка форма на болеста. Би сакал да напоменам дека дел од пациентите кои имаа тешка форма на болеста доцна доаѓаа во болница што ги намалува шансите лекарствата да имаат ефект, зашто се во поодмината фаза на болеста. Имаше пациенти кои се јавуваа во болница со врзување на крвта од 20 проценти, а нормално е 96 проценти и тие завршуваа со смртен исход. Тие што доаѓаа со 60 до 80 проценти сатурација, имаа ефект. За исходот на лекувањето важно е пациентите навремено да се јавуваат во болниците.

Зошто сегашните пациенти со Сарс Ков 2 не добиваат контролни брисови?

– Првичните сознанија и пристапот кон контрола и констатацијата на негативитетот од вирусот се темелеа од искуството со вируси од истата група каде што припаѓа коронавирусот, како САРС и МЕРС. За нив важеа овие правила, пациентот да се тестира после 14 дена, па потоа уште еднаш. Но како поминуваше времето, имавме повеќе сознанија за овој нов вирус кои укажуваа на тоа дека контролните брисови кои се позитивни, се позитивни само на еден ген. Светските лаборатории и публикации констатираа дека таквата форма на вирусот не е вијабилна, односно не може да предизвика зараза на други луѓе. За асимптоматските пациенти ова е така 10 дена од моментот на детекција на вирусот, а за луѓето кои имаат симптоми 20 дена по детекција на вирусот. Оттука потекна оној проблем дека луѓето добиваа негативен тест, па повторно позитивен. Тоа создаваше забуна. Всушност станува збор за вирус кој е толку слаб, што првиот контролен брис не го детектирал, но вториот го детектирал за само 48 часа. Но, тој секако не може да предизвика зараза. Овие сознанија заедно со препораката на МАНУ која анализираше 10.000 наши брисови и констатираше дека ниту еден од контролните брисови кои беа позитивни не е вијабилен да може да предизвика зараза, беа причина да ја промениме стратегијата. Затоа ја менуваме стратегијата и изолацијата завршува после 10 дена од позитивниот брис кај асимптоматските пациенти и 20 дена после позитивниот брис кај пациентите кои имале симптоми. Матичниот лекар ќе ја следи електронски во ,,мој термин” состојбата на пациентот и потоа после 10 или 20 дена автоматски се генерира извештај дека изолацијата завршува. И за тоа ќе се извести Центарот за јавно здравје.

Венко Филипче / Фото: Слободен печат.

Регионот и западна Европа се погодени од корона-кризата на длабинско ниво со илјадници заболени, но сепак Македонија останува со бариери и рестрикции и се вперува прстот кон нашите патници на пример, што слетуваат со летови во Финска. Ќе се промени ли нешто во нашата стратегија за соседите?

– За разлика од нашата стабилна епидемија, секаде во регионот има влошување, во Косово, во Србија, во Босна, Грција, во Франција има по 3.000 случаи дневно на пример. Мислам дека не смееме да дозволиме некоја наша стратегија да загрози друга земја. Затоа вчера одлучивме и патниците кои транзитираат од Косово да имаат задолжителен ПЦР тест, имајќи ја во предвид тамошната епидемиолошка состојба.

Здравствената криза конечно не освести колку важен е секторот здравство. Што сакате да дополните во следниот четиригодишен министерски мандат? Каде се слабите точки во здравството и како да се изменаџираат и променат тие состојби?

– Мислам дека е многу битно тоа што во сите сегменти сме започнале со работа. Некаде е завршена, но некаде треба да се продолжи. Ја пишував партиската програма заедно со тимот на СДСМ и целата програма е континуитет на тоа што веќе го започнавме. Програмата за ретки болести е надградена над 100 проценти буџет, имаме лекови за шест нови ретки болести. Воведовме оригинални инсулини. Пациентите со дијабетес добиваа инсулини од Турција кои не им делуваа, а сега тоа не е така. Имаме еден од најмодерните календари за вакцини, како на пример вакцини за пнеумокока и рота вирус, што значи дека сериозно е инвестирано во здравјето на најмладите. Имаме четиривалентна ХПВ вакцина, а порано беше двовалентна. Тоа е дополнителна инвестиција. Платите на здравствените работници се дуплирани за три години. Капацитетот на итната помош во Скопје е зголемен за 150 проценти и со возила и со тимови. Нема ниту еден пациент со малигна болест за којшто нема терапија. Во иднина, во однос на малигните болести  ќе почнеме заеднички проект со лабораторијата во МАНУ, за инвестирање во апарат кој ќе овозможува генетско секвенционирање врз основа на кое ќе се дава соодветна комбинација на терапијата што веќе ја имаме. Одиме еден чекор понатаму.

Продолжуваме со инвестиции во платите на здравствените работници и инвестицијата во клиничкиот центар. Продолжуваме со реновирање. Мора да ја потенцирам поддршката за време на коронакризата од американската амбасада, од канцеларијата на ЕУ, амбасадите на Бугарија, Чешка, Германија, Франција, Британија, Кина, Јапонија со лекот авиган кој решија да го донираат. Воведовме нови методи со кои пациентите не се праќаат во странство. Трансплантацијата на срце е резултат на двогодишното интензивно работење со нашите кардиохирурзи. Наш кардиохирург од Франкфурт, Германија, доаѓаше да работи со нашите, се подигна експертизата и кога се понуди можноста и се согласи семејството да донира, практично нашите кардиохирурзи сами можеа да ја сработат операцијата. Ги обединивме сите капацитети, и државните и приватните. И исто така е важно дека Министерството за здравство е отворено за соработка со сите граѓански организации. Со нив го сменивме законот за абортус кој беше рестриктивен и се влијаеше на волјата на жената. Сега со новиот закон за абортус, волјата на жената е на прво место и никој не може да и влијае. Тоа го работевме со граѓански организации и направивме модерен, европски закон. Така што таа соработка со професионални здруженија, граѓански организации е многу важна, зашто е битно оние на кои тие политики се однесуваат, да учествуваат во креирањето на тие политики и да нема наметнати решенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот