Институтот за македонска литература организира меѓународна конференција на тема „Траумата во литературата“
Меѓународната конференција „Траумата во литературата“, која на 13 и 14 мај ќе се одржи во „Јуроп хаус“- Скопје (Europe House – Skopje), е дел од научно-истражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, поддржан од Министерството за образование и наука на РС Македонија.
Препорачано
Траумата денес се смета за водечки концепт и фундаментална карактеристика на културата во целина. Како комплексен психолошки феномен што се проучува низ различни научни дисциплини, траумата сè повеќе добива истражувачки интерес и во полето на книжевните и културолошките студии.
Оваа година, кога Институтот за македонска литература одбележува 45 години постоење, вкупно 28 истражувачи од земјава и странство имаат можност заедно да работат на значаен научно-истражувачки проект „Траумата во литературата“ под раководство на проф. д-р Ана Мартиноска. Истражувањата опфаќаат широк спектар на теми: миграции, егзил, воени конфликти, природни катастрофи, климатски промени, транзициски процеси, насилство, телесни тортури, ментални нарушувања, трансгенерациски трауми, табуа и други.
Конференцијата „Траумата во литературата“ ќе се отвори на 13 мај, во 9:30 часот, со поздравни обраќања на д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, д-р Ана Мартиноска, раководителка на проектот, и д-р Весна Јаневска, министерка за образование и наука на РС Македонија.
Научните трудови што ќе бидат презентирани во текот на двата конференциски дена (13 и 14 мај) ќе понудат толкувања на репрезентацијата на личната, колективната и културната траума во различни развојни етапи на македонската книжевност – од средниот век, преку народната литература и XIX век, сѐ до современата книжевна продукција.
До крајот на годината се очекува да биде објавен и Зборник на трудови, како финален резултат од научно-истражувачкиот проект „Траумата во литературата“, известија од Организациониот одбор на конференцијата.


