Инспекцискиот совет апелира хотелиерите правилно да го применуваат протоколот за работа (ВИДЕО)

Хотелиерите, кои го очекуваа протоколот за работа што треба да стапи во сила в понеделник (22 јуни) сериозно да пристапат кон правилна примена на сите мерки од овој, но и за сите други протоколи кои се однесуваат на работните места или организација на конференции, состаноци и други видови на обуки, апелира денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.

Таа потенцира дека сите протоколи се значајни пред сè за заштита на јавното здравје, заштита на гостите и посетителите на хотелите и заштита на персоналот кој работи во хотелите.

Со Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други објекти за сместување), се предвидени процедури за хотелскиот дел, ресторански процедури; употребата на санитарните јазли, општи препораки за гостите и препораки за постапување при појава на случај со симптоми со Ковид 19.

Како што информираше, шесте инспекторати во период од 10-16 јуни, реализирале 6.188 вонредни инспекциски надзори, во врска со сите усвоени акти на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.

-Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 4.862 контроли, од кои најголемиот број односно 4.062 се инспекции извршени со поддршка на финансиска полиција или со припадници на полицијата и се поврзани со почитување на протоколите за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, додека останатите се однесуваат на проверка на почитувањето на уредбата за замрзнатите цени на определени производи и поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите, информира Филиповска Грашкоска.

Од специфичните наоди при извршените контроли во трговски објекти на големо и мало, угостителски објекти, бензиски станици, банки, пошти и обложувалници, инспекторите детектирале девет прекршувања на протоколите, од кои седум се однесуваат на протоколот за отворање и работа на кафатерии и угостителски објекти и тоа четири во Скопје, по еден во Битола, Струга и Тетово, и два прекршока на протоколи во обложувалници во Тетово и Гостивар за што се предложени и соодветни кривични и прекршочни санкции.

Констатирани се, како што рече, незначителен број, или вкупно шест прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, пришто е укажано на правните лица и веднаш постапено.

-Во однос на првите недели, се гледа особен напредок во почитување на протоколите од страна на правните лица, но и поголема свест на граѓаните и тоа со задоволство го поздравувам. Апелирам да се продолжи во насока на целосно почитување на протоколите, пред и се во насока на заштитата на јавното здравје, истакна претседателката на Инспекцискиот совет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот