Инспекции им влегоа на матичните гинеколози, да видат дали даваат фискални сметки
Инспекции на УЈП и на Фондот за здравство влегле да ги тресат матичните гинеколози и пронашле неправилности со неиздавање фискални сметки. Покрај матичните гинеколози, како што неофицијално дознава „Слободен печат“, Фондот за здравство извршил инспекции и на тоа како работи Службата за итна помош, дали боледувањата се реални и како се исплаќаат платите. Резултатите од контролите се очекува да се познати идната недела.
Препорачано
Инаку, во мониторинг на Програмата за заштита на родилките и доенчињата во Македонија од октомври 2024 година кој го спроведоа невладини организации, еден од клучните наоди е тоа дека на жените често им се наплатуваат здравствени услуги од страна на матичните гинеколози кои согласно на подзаконските акти се бесплатни за жените а притоа ним не им се издава ниту фискална сметка.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција се осврна на три теми што изминатите месеци се актуелни. Едната од нив е тоа што на Клиниката за онкологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ не се изработуваат анализи за тумор маркери.
-Статистиката покажува дека до септември 2025 година се направени скоро 250 илјади анализи за тумор маркери. Тоа што во моментов на Клиниката за онкологја не се се работат анализи за тумор маркери, не ги загрозува пациентите бидејќи истите се прават на Институтот за клиничка биохемија што е на само 200 метри од Клиниката за онкологија.
На институтот досега се направени 150 илјади анализи. Меѓу поголемите центри каде се прават овие анализи за тумор маркери е и ГОБ „8 Септември“ а над 10 илјади анализи се прават и во градовите Куманово и Тетово.
Во скоро сите градови барем во болницата и здравствениот дом се работат тумор маркери. Најмногу тумор-маркери се прават за простата (PSA е нивното медицинско име н.з.), рече директорот Клековски.

Според податоците на Фондот за здравство што ги презентираше Клековски, до октомври годинава, изработени се 238.744 анализи за тумор маркери во лабораториите во земјавава кои чинат над 2 милиони евра. Од нив, најмногу анализи за тумор-маркери се направиле во Скопје, на Клиничка биохемија – вкупно 48.843 анализи.
Директорот на ФЗОМ истакна дека работите би можеле да претрпат подобрувања во насока на пациентите да им се кажува кои лаборатории се затворени и не работат, ама спомена и дека треба да се „рационализира употребата на тумор маркерите“.
-Да нагласам дека помал дел од овие тумор маркери се користат за дијагностика, освен ПСА за простата. За овој тумор маркер (ПСА н.з.) треба да имаме што повеќе направени анализи зашто тој се прави на здрава популација, додека другите тумор маркери се добри за следење на состојбата на пациентите и можни рецидиви на болеста, рече Клековски.
Според него, треба да се види зошто ако имаме 2.500 пациенти со рак на дојка кои користат хормонална терапија, тогаш направени се дури 21 илјади анализи за соодветниот тумор маркер. Тој се сомнева дека дел од овие анализи се прават без потреба. Ако има 2.500 пациенти, тогаш секој од нив би требало да се контролира на секои 3 месеци и така би требало да има 10 илјади анализи годишно, а не како сега – дури 21 илјада. Според Клековски бројот на анализи би требало да се рационализира.

Клековски информираше дека во ноември се исплатени 6.600 породилни отсуства.
-Правиме анализи дали има заостанати породилни отсуства бидејќи секој месец имаме константен број, рече тој откако изминатите недели жените на породилно отсуство се пожалија дека исплатите доцнат, особено во Скопје.
Директорот на ФЗОМ презентираше анализа за тоа колку жени добиваат надоместок за породилно отсуство секој месец почнувајќи од јули 2024 до ноември 2025 година. Од табелата е евидентно дека во август и во ноември 2025 година на помалку жени споредено со другите месеци им било исплатено породилно, но не е потврдено зошто. Работата се проверува.
-Некогаш имаме исплата на 2 или 3 месеци за иста родилка заради доцнење на започнувањето на исплатата, но работиме на тоа и сме посветени за подобрување на исплатите и се надевам дека ќе имаме прогрес во однос на тоа, рече директорот на Фондот Клековски.
Мајки со бебиња чекаат на милоста на Фондот за здравство за да купат млеко и пелени
Како што информираа од Фондот, рокот за исплаќање на капитациите кон матичните лекари е запазен во законските рамки од 60 дена а исплатата за ноември во износ од 493 милиони денари во моментов се реализира.


