Иконата на соул музиката Дијана Рос со нов, 25-ти соло албум

instagram

Иконата на соул музиката, Дијана Рос откри детали за нејзиниот прв албум во последните 15 години. „Thank You“ е продолжение на албумот „I Love You“ од 2006 година и е снимен целосно во нејзиното домашно студио за време на пандемијата.

„Оваа колекција на песни е мојот подарок за вас со внимание и љубов. Вечно сум благодарна што имав можност да ја снимам оваа одлична музика во овој момент од историјата“, вели поранешната пејачка на „Supremes“ во изјава.

Во соопштение за медиумите Рос рече дека албумот нуди „моќна, инклузивна музичка порака за љубов и заедништво“ и дека „со своите песни за среќа, благодарност и радост, со цело срце признава дека сме сите заедно“.

Дијана Рос била ко-автор на сите 13 песни, и работела со различни современи поп-продуценти, вклучувајќи го и Џек Антоноф, кој е клучен соработник на женски уметници како Тејлор Свифт, Лана Дел Реј, Сент Винсент и Лорде.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ms Ross ✨ (@dianaross)

Претстојниот албум кој треба да биде објавен во септември ќе биде 25-ти соло студиски албум на Рос и вкупно нејзин 43-ти.

Дијана Рос ја започна својата кариера во „Motown“ во 60-тите години на минатиот век, постигнувајќи огромна слава со „Supremes“ и хитовите „Stop! In The Name Of Love“ и „You Keep Me Hanging On“. Таа се раздели од групата во 1970 година и постигна повеќе од  50 хитови во топ листите во Велика Британија, меѓу кои и „Upside Down“ и „Endless Love“, пренесува „BBC“.

Видео на денот