ИКЕА ќе плати 6 милиони евра отштета за затвореници кои принудно правеле мебел во фабрики во Источна Германија
Светски познатиот производител на мебел ИКЕА се согласи да плати шест милиони евра во Фондот за обештетување на жртвите на принудна работа во поранешна Источна Германија, одлука што активистите се надеваат дека ќе ги принуди и другите компании да го сторат истото.
Препорачано
Затворениците во Источна Германија, вклучително и политичките, биле принудени да изработуваат мебел, што беше јавно објавено на шведските и германските медиуми пред повеќе од една деценија. Затворениците правеле мебел за глобалниот гигант во индустријата за мебел за домот во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, открила истрагата на ревизорите „Ернст и Јанг“.
Во соопштението објавено оваа недела, ИКЕА Германија објави дека доброволно ќе плати шест милиони евра во новиот владин фонд, основан за обештетување на жртвите на комунистичката диктатура во Источна Германија.
Германското здружение на жртви на комунистичката диктатура соопшти дека ИКЕА е една од многуте компании кои имаат корист од принудната затворска работа во Источна Германија. Поранешниот претседател на тоа здружение Рајнер Вагнер изјави дека ИКЕА е „само врвот на ледениот брег“ и ги повика другите компании да ги обештетат поранешните затвореници.


