Игор Василев – Новоградска ќе го промовира својот саундтрак за филмот „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски

Новиот албум на еден од најреномираните композитори на филмска музика кај нас, Игор Василев – Новоградска, ќе биде промовиран на 22 јули (петок) во МКЦ во Скопје. Станува збор за необјавен саундтрак за филмот „Бикини Мун“ на режисерот Милчо Манчевски, кој ќе биде прикажан на настанот.

По низа телевизиски проекти во САД, „Бикини Мун“ е првиот американски филм на Манчевски. Снимен е во Њујорк и наиде на исклучително позитивен прием кај критиката во САД, Бразил, Тајван, Кина, Португалија, Бугарија, Србија, Македонија итн., која напиша: „Брилијантен авторски филм“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува мааните на либерализмот на милениумската генерација“, „Бескомпромисното критички настроено авторство“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Глумата на Кондола Рашад предизвикува стравопочит“.

Светската премиера „Бикини Мун“ ја имаше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а беше прикажан и на фестивалите „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија, потоа во Португалија, во Белград, Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Шангај и други, каде освои неколку фестивалски награди.

Главните улоги ги толкуваат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот е композиторот на музиката – Игор Василев – Новоградска.

Музиката за „Бикини Мун“ е исклучителен проект, затоа што станува збор за филм кој, истражувајќи ја природата на вистината во филмскиот медиум, е конструиран како лажен „синема верите“ документарец, па и музиката го исполнува критериумот секогаш да биде лажна „сорсмузикка“ во секоја сцена каде што ја има.

ЦД-то ќе може да се набави уште истата вечер. Во склоп на промотивниот настан ќе има и разговор со композиторот Василев, модериран од филмскиот работник и критичар Јане Алтипармаков. По разговорот ќе следи диџејски настап на Новоградска.

Промоцијата почнува во 20 часот, а влезот е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот