И новиот газда кренал раце од руинираното Поштенско

Фото: Слободен печат/Југослава Дуковска, Сања Милорадовиќ

„Слободен печат“ се обиде да го најде сопственик на објектот на Поштенскиот дом на падините на Водно, крај Скопје, по бурните реакции на репортажата што излезе во весникот и на порталот. Јавноста е згрозена од грдата слика на некогаш омиленото собиралиште на скопјани – запуштен, ограбен и искршен со последното парче мебел.

Сопственик на Поштенскиот дом е фирмата „Новоматрикс“ ДООЕЛ Битола, а информацијата ни ја потврди и лично и сопственикот на „Новоматрикс“, Александар Наумов, со кого разговаравме по телефон.

– Точно е, ние сме газди на објектот – изјави Наумов и појасни дека тие го купиле од Телеком во 2014 година.

Претходно, од компанијата „Македонски телеком“ до редакцијата на „Слободен печат“ пристигна демант во врска со текстот под наслов „Напуштеното Поштенско ограбено и искршено до последниот телевизор“, во кој појаснуваат дека компанијата го продала објектот во 2014 година, односно дека повеќе нема ништо со него.

На прашањето  до Наумов зошто неговиот имот е во ужасна состојба, оставен на милост и немилост на вандали, тој ни одговори:

–  Тој беше „искубан“ уште кога го зедовме – рече Наумов и додаде дека неговата фирма засега нема никакви планови поврзани со објектот на некогашното Поштенско, односно дека тој, засега, останува во таква руинирана состојба каков што е.

„Слободен печат“ на своите страници ја „документираше“ состојбата на Поштенско: искршени стакла, демолирана внатрешност, инвентарот фрлен преку прозорец и ограбен... До пред дваесетина години ова катче важеше за еден од рестораните со најдобра храна во градот, со дваесетина одлично опремени и функционални хотелски соби. Сместен во густа букова и костенова шума, на околу 700 метри надморска височина, некогашниот хотелско-угостителски објект, познат како Поштенски дом или Поштенско, повозрасните го паметат како одморалиште на некогашното општествено претпријатие ПТТ (Пошта, Телеграф, Телефон), кое во транзицијата му припаднал на Телеком, сè до продажбата во 2014 година.

„Како е можно државата да дозволи со години безмилосно да се уништува еден ваков објект, кој некогаш бил општествен и кој ја имал сета потребна инфраструктура за сместување, а истовремено кубури со сместувачки капацитети во услови на кризи како што е епидемијата на ковид-19“, е само едно од прашањата на социјалните мрежи откако беа објавени фотографии од искршеното Поштенско.

Воздушна бања, лекувалиште, стартап-село, планинарски дом… беа некои од идеите за пренамена на руинираниот објект во коментарите на граѓаните.

„Бидејќи очигледно никому не е потребен, можеби е најдобро тој да биде преземен од државата или од Град Скопје и да се даде на управување на некое планинарско друштво за да биде планинарски дом, во услови кога и онака малубројните домови во државата се уништени или во многу лоша состојба“, коментираат планинари, кои се и најчестите посетители на локацијата која некогаш беше еден од симболите на Водно.

Напуштеното Поштенско – ограбено и искршено до последен телевизор!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот