И министерот Османи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ го утнаа „протоколот“!
Директорот на протоколот Ненад Колев не ни можел да поднесе оставка поради грешката со словенечкото знаме, ниту да биде унапреден, зашто пред една година бил назначен за амбасадор во Русија
Ниту директорот на протокол во Министерството за надворешни Ненад Колев поднел оставка, како што тврдеше министерот Бујар Османи, ниту пак сега е унапреден во амбасадор, како што обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
Опозициската партија вчера обвини дека директорот на протоколот во Министерството за надворешни работи, за кого вели дека бил одговорен за згрешеното знаме за време на посетата на словенечката министерка Тања Фајон, е унапреден за амбасадор во Москва. Притоа се повика на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека директорот на протоколот во Министерството, поради таа грешка, поднел оставка.
Османи во телевизиско гостување кажа дека директорот на протоколот во МНР поднел оставка поради тоа што за време на посетата на Фајон на земјава, на масата каде што седеше со него, наместо знамето на Словенија беше истакнато знамето на Словачка.
– Кога имате интензивна агенда, се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка, иако немаше никаква директна одговорност, која ја прифатив. Тоа се други луѓе, поради морална одговорност поднесе оставка, а работеше една година – изјави Османи.
Но, Колев како директор на протоколот не можел да поднесе оставка, па министерот, како што вели, да му ја прифати, бидејќи тој не е именуван функционер. Ако направил грешка, може да биде суспендиран или да оди пред дисциплинска комисија, на пример, или, пак, самиот да побара да биде разрешен. Од МНР појаснуваат дека Колев побарал да биде разрешен, иако не бил директно одговорен за пропустот, односно тој не го поставил знамето.
Што се однесува до тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека Колев е унапреден за амбасадор во Москва, факт е дека уште пред една година е завршена целата процедура за негово заминување во Русија.
„Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек што не разликува знаме, може да преставува држава?“, праша ВМРО-ДПМНЕ.
Колев, искусен дипломат од кариера, на 24 септември лани ги бранеше тезите во собраниската Комисија за надворешна политика со која претседава пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Па, од партијата би требало да знаат дека не станува збор за никакво унапредување сега, туку дека Колев одамна ќе беше во Москва да не беше војната во Украина. Неговото заминување во Русија прво беше одложено поради меѓусебното македонско-руско протерување дипломати од амбасадите на двете земји, а потоа и со влошувањето на ситуацијата со Украина.
Инаку, министерот Османи го прифатил барањето на Колев да биде разрешен и на негово место веќе е поставен в.д. директор на протоколот, исто така искусен дипломат од МНР.


