Хрватската турнеја на Националниот џез оркестар и Рамбо Амадеус е проследена со громогласни овации и силен одек во медиумите

Концерт во Шибеник

Рекордно продадени концерти, изблици на еуфорија, громогласни аплаузи како и бројни осврти и написи во хрватските медиуми, ја означија првата официјална интернационална турнеја на Националниот џез оркестар, кој настапи со Рамбо Амадеус на три престижни концертни сцени на хрватското приморје.

„Делириум во Сплит“, „Еуфорија во Шибеник“, „НЏО и Рамбо го разбудија Вис“, „Вис веќе нема да биде ист по настапот на НЏО и Рамбо Амадеус“, „Јавни нереди“ за време на концертот на Националниот џез оркестар и Рамбо Амадеус во Шибеник“, се само дел од насловите кои ги објавија медиумите во Хрватска за време на турнејата на Националниот џез оркестар, кој го нарекоа и „најлудиот оркестар на Балканот“.

Долго ќе се памети нивниот концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, која ретко и инцидентно ја отстапува сцената за жанр, поинаков од класичниот. Видеата сведочат за неколкуминутни стоечки овации на публиката која во Сплит ги повикува музичарите на бис, а музичката критика овој настап го оцени како ексклузивен кој, можеби, никогаш не се случил на оваа сцена.

– Уште сме под импресии иако има веќе неколку дена откако ја завршивме нашата турнеја низ Хрватска во рамки на која беа реализирани три концерти на кои со нас настапи нашиот пријател, извонредниот уметник Рамбо Амадеус. Уште еднаш, оваа наша соработка се покажа како исклучително успешна, а пред публиката се претставивме со биг-бенд аранжманите на композициите на Рамбо, подготвени од нашите членови, кои македонската публика имаше можност да ги чуе пред година и пол на концертот кој се одржа на сцената на Филхармонија – истакнуваат од Националниот џез оркестар.

Овојпат трите концерти обединија три различни контексти и хронотопи при што првиот настап беше на 25 јуни во Шибеник, во Тврдината Св. Миховила, следеше концертот на 28 јуни, во рамки на првото издание на фестивалот „Island Vis Music Breeze“, и концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, кој се одржа на 1 јули.

Концерт во Сплит

– Изведбите на толку различни сцени бараат различен фокус при изведбата по што дојдовме назад со богато искуство, но и со полни срца, бидејќи настапите беа одлично прифатени од страна на публиката, се изродија безброј нови можности за нови соработки, а концертите беа комплетно распродадени во рекорден рок – додаваат од Националниот џез оркестар.

„Концертот во Шибеник почна во релативно мирна концертна атмосфера и кон средината на концертот веќе цела публика беше на нозе и се случи голема концертна еуфорија со скандирање од страна на публиката“ – вака го опишаа медиумите концертот во Шибеник, во Тврдината Св. Миховила, додека настапот во Хрватскиот народен театар во Сплит беше опишан како „редок вид на театарско-музички перформанс креиран од НЏО и Рамбо“.

Критиката имаше најпофални зборови за настапот на Оркестарот и сите музичари оценувајќи дека „оркестарот се претстави на хрватската публика на највисоко професионално ниво и воедно прикажа вистинска непосредност во комуникацијата со Рамбо. Солистите блескаа во сите солистички делници“.

Следното патување на Националниот џез оркестар е во Охрид, на 11 август, на Летната сцена „Долни Сарај“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот