Христијан Пендиков денеска ќе биде опериран на ВМА во Софија
Претепаниот секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, Христијан Пендиков ќе биде денеска опериран на ВМА во Софија.
Препорачано
23-годишното момче во четвртокот беше претепано од страна на тројца охриѓани и притоа се здоби со тешки повреди: пукнат вратен пршлен, скршена вилица и повреди на главата.Во петокот со бугарски владин авион „Фалкон“ беше пренесен на Воено-медицинската академија во Софија.
Таму лекарите констатираа дека состојбата му е средно тешка, но не е во животна опасност.
Вчера Пендиков во болница го посетија шефовите на македонската и бугарската дипломатија Османи и Милков, откако претепувањето прерасна во дипломатски скандал, зошто официјална Софија тврдеше дека нападот се случил поради тоа што Пендиков се декларирал како Бугарин и ги нападна македонските власти дека во континуитет не ги процесуираат случаите кога беа вандализирани бугарските културни клубови „Иван Михајлов“ во Битола и охридскиот „Цар Борис Трети“.
Нападот врз Пендиков се случи неколку дена по бугарските провокации среде Скопје на панихидата на Мара Бунева изречени од европратеникот Ангел Џамбаски и пратеникот и лидер на Преродба Костадин Костадинов.
Вчера министерот Бујар Османи беше дециден дека било кој провокатор, дали е тоа политичар од Бугарија или од Северна Македонија, дали е тоа насилникот од Охрид или од било каде, нема да се дозволи тие да ја диктираат агендата на македонско-бугарските односи. Бугарската заедница е и ќе биде почитувана заедница во Република Северна Македонија, ќе ги имаат сите права, слободи, и привилегии како и секој друг граѓанин и секоја друга заедница, и заедно со другите ќе живеат подеднакво слободни, нагласи Османи.
-И затоа сакам и да упатам порака дека и тие провокации треба да престанат и да укажам дека секое доаѓање во Северна Македонија, со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мораме сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Северна Македонија. Значи и двете прашања ќе мора подеднакво. Фокусот денеска е на ова насилство врз Христијан коешто мора да го осудиме, и мора да создадеме атмосфера на нула толеранција, но исто така и провокација од политичари кои доаѓаат во Северна Македонија среде Скопје, го негираат македонскиот народ, го навредуваат македонскиот народ, тоа мора да го пркеинеме и тој вициозен циклус во којшто сме влезени мора да престане, дециден е Османи.
Напаѓачот на Пендиков – Илија Спасески доби притвор од 30 дена, а власти ја истражуваат вмешаноста и на уште двајца напаѓачи, јавуваат бугарските медиуми. Од друга страна во декември минатата година на Пендиков му е поднесена кривична пријава за поседување на кокаин, и разврската за ова негово криминално дело е компромитирана со неговото заминување на лекување во Софија, нагласи во саботата адвокатот и поранешен судија Владимир Туфекчиќ објаснувајќи дека две истраги во врска со Пендиков се компромитираат и направен е преседан поради начинот на кој тој е изнесен од државата.


