Хако е обвинет за убиство со умисла на сопругата Милена во Италија – што се знае за семејството чијшто живот се замрачи по смртта на синот?
Хако Витанов се товари за кривично дело убиство со умисла на својата сопруга Милена Витанова во Италија, а обдукцијата на телото на убиената жена ќе се изврши утре во Институтот за судска медицина во Павија, објави „Ил Пјаченца“.
Препорачано
Хако ја избодел до смрт својата сопруга, по што веднаш го признал делото. Алармот бил вклучен попладнето на 8 мај, кога сопругот се јавил на бројот за итни случаи 112 и преку кратка телефонска линија рекол: „Ја убив мојата сопруга“.
Потоа ја заклучил вратата од станот и избегал.
Откривање на телото и апсење кај гробиштата
На местото на настанот веднаш пристигнале силни екипи на карабињерите, пожарникари и брза помош. Откако насилно влегле во станот сместен на шестиот кат, наишле на трагична глетка: жената лежела безживотно на подот во дневната соба, во близина на гарнитурата, а до неа имало нож. Според првичните реконструкции од местото на злосторството, жртвата се обидувала да се одбрани, за што сведочат длабоките рани на нејзините дланки и подлактици.
Во меѓувреме започнала потрага по сопругот. По околу два часа, карабињерите го пронашле блокиран во близина на споредниот влез на градските гробишта. Како што објаснуваат италијанските медиуми, тој најверојатно сакал да стигне до гробот на нивниот син.
Хако имал исеченици по телото и рацете кои самиот си ги нанел по убиството. Поради повредите, тој бил пренесен во градската болница, а веќе во вечерните часови бил отпуштен и веднаш спроведен во затворот „Ле Новате“.
Скршена семејна хармонија поради смртта на првородениот син
Мотивот за убиството сè уште е под превезот на тајноста. Според „Раи Њуз“, сопругот, кој работел како магационер во секторот за логистика, немал криминално минато, ниту, пак, имало претходни пријави за семејно насилство или расправии. Двајцата биле активни членови на македонската православна заедница во Италија.
Освен загинатото момче, двојката имала уште четири деца, од кои едно е малолетно девојче. Во моментот на злосторството никој од нив не бил во станот. Медиумите пренесуваат дека семејната рамнотежа била трагично нарушена по смртта на нивниот првороден син Методиј.
Во 2020 година, на 25-годишна возраст, тој загина во страшна сообраќајна несреќа на улицата „Гадолини“. Враќајќи се од ноќно излегување, автомобилот удрил во дрво и се запалил, при што животот го загубија тој и неговата братучетка Марија Витанова која била со него во возилото.
Македонската заедница во шок
Не знам што се случило, што му поминало низ умот и срцето, изјави со треперлив глас претседателот на Унијата на Македонците во Италија, Александар Аце Појразов, за порталот „Либерта“.
„Не можеме и не успеваме да го разбереме тоа. Сега мораме да бидеме покрај децата кои имаат потреба од целата заедница“, додаде тој.
Појразов вели дека целата заедница е во неверување од тоа што се случило.
„Болката е невозможна да се објасни. Соочени сме со чин кој никој од нас не можеше да го очекува“, потенцира претседателот на Унијата на Македонците во Италија.
Случајот останува под целосна истрага, а во наредните часови се очекува полицијата да изврши разговори со роднините и познаниците на двојката за да се расветли целиот контекст на оваа семејна трагедија.


