Гушкање Албанци – Поливање тревник за време на дожд

Фото: Ерол Шаќири

Која е разликата помеѓу нормалното и ненормалното во политичкиот дискурс и дали границата може да се дефинира? Психолозите велат јасната граница тешко може да се дефинира дури и во евалуацијата на индивидуалното човечко однесување, што значи во политичкото однесување тоа е невозможно, посебно не во македонското политичко друштво. Политичките чинители често девијираат од она што до вчера за нив претставувало „нормален“ курс на делување односно определба на партијата, се со цел да се привлечат повеќе гласачи. Да речеме дека ова е „нормално“ со оглед дека борбата за власт е бескрупулна, но што е тогаш „ненормалното“ и дали поделбата завршува тука или кај нас одиме и чекор понатаму и се среќаваме со една „ненормална ненормалност“ (Тричковски) и што таа претставува? Еден од основните критериуми за нормалноста е социјалната прифатливост. Значи нормалност или нормално однесување е се она што општеството го дефинира како пожелно и прифатливо. Пред да продолжам со насловот еве една сликовита дефиниција за нормалноста и ненормалноста.

Нормално е да ја поливаш тревата на тревникот.

Ненормално е да ја поливаш тревата на тревникот додека надвор врне дожд.

Ненормално ненормално е да го поливаш тревникот додека надвор врне дожд, а на него немаш воопшто ни посадено трева.

Пред неколку дена лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски даде изјава за медиумите каде рече дека „Албанци во Гостивар го гушкале“ и му рекле дека ќе гласаат за ДПМНЕ. Што е проблемот со навидум искрената и наивна изјава? Мицкоски значи не рече дека незадоволни граѓани од политиките на власта (СДСМ/ДУИ) му пришле, тој потенцираше намерно дека биле Албанци. Притоа додаде еден детаљ (гушкањето) во обид да му даде еден емотивен елемент на еуфоричната изјава, а се со цел додворување на албанското гласачко тело. Тој емотивен детаљ на крај му се удри од глава и целата негова изјава му донесе контра ефект, му донесе исмевање од целата јавност која на крајот прерасна и во невкус, барем за мене. Сега да одам по ред.

НОРМАЛНО е што Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ се во потрага по нови, дополнителни гласови во пресрет на престојните предвремени парламентарни избори.

НЕНОРМАЛНО е Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ да бараат гласови од Албанците и на нив да им се додворуваат. Ненормално е партијата која од основањето низ улиците демонстрираше со паролата „ќе ги скратиме канџите на албанскиот орел“, која ги организираше студентските протести во 1997 против образование на албански јазик за кои цел свет ни се смееше, проследени со паролите „мртов Шиптар добар Шиптар“ и „за Шиптари гасна комора“ да бара глас од Албанците. Ненормално е партијата која во нејзините структури има поединци кои јавно Албанците ги нарекуваат Шиптари и/или Индијанци да се додворува на албанскиот електорат. Ненормално е партијата која во структурите нема ниту еден Албанец да се декларира дека е граѓанска партија отворена за сите, вклучувајќи ги Албанците. Ненормално е партијата во која 90% од членството низ штабовите, а и јавно извикува „Македонија на Македонците“ воопшто да им се обраќа на Албанците и бара нивни глас.

НЕНОРМАЛНА НЕНОРМАЛНОСТ е Мицкоски додека се додворува на Албанците да каже „Албанци ме гушкаа“ и да тоа го претстави како некој политички или цивилизациски или не знам каков исчекор, само не знам за кого, за Мицкоски или за Албанците. Додека тој во 2019 го гушнал првиот Албанец ние со години и векови си живееме, комуницираме, се гушкаме, се љубиме. Општата перцепција моја, а и на поголемиот дел од јавноста е дека ВМРО ДПМНЕ не била, не е, а најверојатно нема ни да биде партија која може да ги обедини сите етнички структури во државава, затоа „гушкањето“ прерасна во општо јавно исмевање. Сите делувања на ДПМНЕ во однос на Албанците а не само нив, туку и сите други етнички заедници се неприфатливи од поголемиот дел на општеството, непожелни се дури и за нејзините членови, затоа што не се природни (уште еден критериум за нормалноста), се препознава она „правам зошто морам а не зошто сакам“. За да си обединувачки фактор треба дела, не празни зборови, затоа нека не ја троши ДПМНЕ енергијата да се додворува таму кај што нема хемија.

Драги Албанци и припадници на другите етнички заедници, политиката е курва тоа на сите ви е јасно, но верувам ви е јасна и разликата меѓу СДСМ и ДПМНЕ посебно кога се работи за меѓуетничките односи. Имаше и СДСМ свои несреќни испади, игнорирање на албанскиот политички фактор во 1991 за време на носење на Уставот, гостиварските настани од 1997, локалните избори во 2013 во Кичево и Струга каде Црвенковски под притисокот да не биде „предавник на својот народ“ носи несреќна одлука и коалицира со ДПМНЕ во обидот Албанец да не биде избран за градоначалник. Во денешно време пак партијата на Села како одговор на блокадата од ДУИ коалицираше во општина Гостивар со ДПМНЕ, со истите тие кои никогаш јавно не се оградија од собраниските настани и обидот за убиство на иститот тој Села, тоа е политиката.

Сепак денешниот СДСМ прерасна во вистинска граѓанска партија, не само декларативно туку со дела. Во денешниот СДСМ имате потпретседатели Албанци, членови на извршен одбор, централен одбор, директори, заменици директори, членови на општински комитети, луѓе кои носат одлуки, не се само слика. СДСМ е носител на програмата едно општество за сите, програма која се имплементира. Затоа и да сте од оние кои ја прифаќаат, веруваат во онаа небулоза „сите се исти“, кога се работи за меѓуетничките односи и те како не се сите исти, но верувам сите ја знаете разликата.

Честит ден на ВМРО, ВМРО ДПМНЕ, како продолжеток на ненормалната ненормалност можеби требаше да го славите заедно со гушнатите Албанци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот