Груби во земјата на чудата

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Единственото што покажува дека прославата на рамковниот ќе се случува во Македонија е тоа што не е познато колку пари ќе чини. Пари со кои граѓаните ќе треба да го платат луксузирањето на Груби. Нема ни рамковна проценка, ни груба пресметка.

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, предводено од првиот вицепремиер на Владата Артан Груби, објави оглас за организација на серија настани (културни и спортски манифестации, работилници, дебати, тркалезни маси) и продукција на разни материјали по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковниот договор. Тендерската постапка се однесува на набавка на билети за превоз, рекреативни, културни и спортски услуги, хотелски услуги, услуги за организирање настани и печатени предмети.

И ова не би било толку интересна вест за јавноста, доколку не се погледне што конкретно Груби навел како барања во техничките спецификации на постапката.

Хотелот треба да биде категоризиран со 5 ѕвездички и со можност да прими 300 учесници, како и да располага со фитнес сала и СПА центар, со 24 часа собна услуга, 24-часовно обезбедување, сопствен паркинг со капацитет од минимум 45 возила и вграден сеф во секоја соба. Авиобилетите треба за економска класа и од европските и од интерконтинентални дестинации. Притоа, во хотелите и на настаните треба да има хостеси кои ќе ги пречекуваат и ќе упатуваат гостите, а се предвидува и ангажирање македонски и странски бендови. Мислиш организира Самит на Г-7.

Единственото што во целиот овој пакет-анранжман покажува дека големиот настан, поточно прославата, ќе се случува во Македонија е тоа што не е познато колку пари ќе чини. Државни, се разбира, пари со кои граѓаните ќе треба да го платат луксузирањето на Груби. Нема ни груба пресметка.

Отмениот стил на нашиот прв вицепремиер ни стана познат кога тој стапи на функција. Веднаш се всели во кабинетот на генералниот секретар на владата како најблизок до оној на премиерот, поради што сегашниот генсек сега ја реновира и ја проширува малата канцелариичка која му ја дале. Груби потоа, како министер, доби нова зграда и луксузна канцеларија која лично ја опреми, а со која се пофали на социјалните мрежи. Секако, ваквото удобно сместување во фотелјата го прослави со целото партиско раководство, а гордо покрај синот во новата канцеларија позираа и мајка му и татко му.

Груби стана првиот функционер кој извршува двојна функција, а кој користи двојни државни ресусрси. И никому ништо. Никој за тоа не му побара сметка, ниту пак му забележа. Молчат сите, молчи и министерот за корупција. Заслужил дечкото по се што сторил за просперитетот на оваа држава и за нејзините граѓани.

Иронично, нели? Во услови на пандемија кога граѓаните се погодени од тешка економска и здравствена криза, кога многу од нив останаа  без работа, со намалени плати и едвај врзуваат крај со крај, Груби ужива во удобностите кои му ги овозможува јавната функција. Небаре живее во Швајцарија.

Но, нека не ве чуди ништо. Македонија отсекогаш била земја на чудата. Немаме за леб, а трошиме за чоколади. А, Алиси како Груби имало и ќе има. Само нема да се најде јунак кој ќе ги разбуди од овој сон и ќе ги врати во реалноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот