Грција најави над милијарда евра инвестиции во регионот на Лерин
Преку Локалниот план за развој, регионот на грчкиот град Лерин ќе биде корисник на 1,04 милијарди евра, насочени кон унапредување на инфраструктурата и поттикнување на локалната економија. Од оваа сума, 923 милиони евра се наменети за реализација на проекти, додека 122 милиони евра ќе бидат искористени како грантови и поволни заеми за бизниси преку фондовите ТАА и ЕΑΤ.
Препорачано
Во планот се вклучени повеќе клучни интервенции со директно влијание врз квалитетот на живот: ново развојно програмирање со средства од Зелен фонд, повторно пуштање во употреба на патничкиот воз во Неводен, железничко поврзување меѓу Лерин и Солун, како и подобрување на националната патна мрежа, особено делницата Птолемаида – Ксино Неро.
Зајакнувањето на претприемништвото е предвидено преку мерки како даночни олеснувања, државни субвенции, субвенционирање на лизинг и вработувања, како и обезбедување на поволни заеми и поедноставени процедури за лиценцирање.
Предвидена е и реконструкција на скијачкиот центар Вичо – Писодери, надградба на Центарот за физикална и медицинска рехабилитација во Неводен, како и реновирање на Општата болница во Лерин и здравствените установи во поширокиот регион.
Пакетот мерки вклучува и финансиска поддршка за жителите на недостапни подрачја, мобилни здравствени тимови, изградба на студентски дом за 150 студенти, како и проширување на системот за далечинско греење.
Овој обемен инвестициски план го позиционира Лерин како стратешки важен регион за рамномерен развој, со силен фокус на инфраструктурата, здравството, образованието и економската конкурентност.


