Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Фејсбук

Граѓанските организации ја повикаа Сиљановска да не ги потпишува измените на Кривичниот законик

Платформата за граѓански организации за борба против корупција испрати допис до претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, во кој од неа бара да не го потпишува указот за Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и да го искористи уставното право на вето.

Во дописот се наведува дека измените на кривичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење ги намалуваат казните и го ограничуваат досегашниот опсег на заштита на јавните средства, што може да доведе до правна несигурност и институционална конфузија во борбата против корупцијата.

Платформата исто така укажува дека комбинирањето на спорните антикорупциски решенија со одредби за Истанбулската конвенција ја отежнува јавната и стручната расправа и повикува на доработка на законот пред неговото прогласување.

„Иако ја поздравуваме потребата од интервенција во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесување на целосно нов КЗ, создаваат дополнителна правна несигурност, и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција“ се вели во дописот до претседателката.

Оттаму посочуваат дека начинот на донесување на овие измени, без соодветни јавни консултации и без систематско вклучување на јавните обвинители и судиите, не соодветствува на чувствителноста и значењето на материјата која се уредува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот