Граѓанскиот суд пресуди: Новинарот на СДК требало да биде убиен или ранет на 27 април 2017 за да добие отштета

Фото: МИА

Основниот граѓански суд Скопје ја одби тужбата за надомест на нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка како и за спреченост на правото за информирање при известувањето од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, поднесена од тогашниот новинар на САКАМДАКАЖАМ.МК, Горан Трпеноски. Во образложението на одлуката на Судот, се наведува дека САКАМДАКАЖАМ.МК не е медиум, а Трпеноски не е новинар, објави СДК.

– Со оглед на тоа што тужителот согласно Законот за медиуми не можел да има својство на новинар, бидејќи здружението каде тој бил вработен не претставува издавач на медиум, ниту пак дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК претставува медиум регулиран со Законот за медиуми, тужителот нема активна легитимација да бара од тужениот да му биде платена отштета за евентуално загрозување на слободата на изразување, се наведува во одлуката.

Судот констатира дека тужената странка Република Северна Македонија според законот, може да исплати нематеријална штета само во случај кога настанала смрт, телесна повреда или уништување на имотот на тужителот. Оттаму, се одбива и овој основ во тужбата на Трпеноски. Претрпените страв и душевна болка за кои тој приложил докази од вештачење, не се земени предвид, бидејќи според Судот, се непотребни во парницата.

– Тужителот во овој настан не бил повреден. Кај него било предизвикано чувство на страв, но Република Северна Македонија не е одговорна по тој основ за да му ја надоместува евентуалната штета на тужителот, напишала во обрзаложението на пресудата судијката Јованка Спировска-Панева.

Таа наведува дека за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година е водена кривична постапка, дека се најдени и осудени виновниците, па упатува тужителот евентуално од нив да бара надомест на штета.

Судијката се повикува на законската одредба според која „издавач на медиум е физичко или правно лица кое врши дејност на издавање на печатен медиум, или емитување на радио и телевизиски програми“, а дигиталните редакции не ги признава за медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот