Во градските автобуси никој не контролира дали се носат маски и кој каде седи, ЈСП демантира

Јуни 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

До нашата редакција стигнаа поплаки од граѓани кои тврдат дека никој не врши контрола колкав број на луѓе превезуваат автобусите, како и тоа дека се возат многу лица кои не носат заштитни маски, а никој не го почитува ниту правилото за социјална дистанца од два метри.

Прв и основен чекор кој води кон избегнувањето на ширењето на вирусот Ковид-19 се обидите да се намалат контактите помеѓу луѓето, односно да се избегне нивно групирање, поради што е наложено почитување на мерките за физичка дистанца и задолжително носење на маски. Едно од местата каде е неизбежен контактот со повеќе луѓе секако е јавниот градски превоз, каде неизбежните гужви се дел од секојдневието на граѓаните.

Гужва на автобуска станица во Скопје / Јуни 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од ЈСП Скопје најпрво го редуцираа бројот на автобуси, меѓутоа, откако започнаа да стигнуваат голем број на жалби од граѓани, кои алудираа на тоа дека ова предизвикува контраефект, односно дека поради недостатокот на автобуси се создаваат уште помоглеми гужви, градските и приградските линии полека почнаа да се враќаат во нормала.

Со уредба на Владата пак беа донесени нови правила за функционирање на градскиот јавен превоз во време на вонредна состојба, а кои вклучуваат неколку мерки: Патниците во автобусите мораат да бидат на оддалеченост од два метри, автобусите да сообраќаат со најмногу 50 отсто од целосниот капацитет од вкупниот број на седишта, не сметајќи го седиштето на возачот, како и задолжително носење на маски на сите присутни во автобусите.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За сите кои нема да ги почитуваат овие правила се предвидени и парични казни, а треба да има и надлежни лица кои ќе го надгледуваат спроведувањето на мерките.

Меѓутоа, според сведоштва на корисниците на услугите на ЈСП, се чини дека ситуацијата на терен е сосема поинаква.

Јуни 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

До нашата редакција стигнаа поплаки од граѓани кои тврдат дека никој не врши контрола колкав број на луѓе превезуваат градските автобуси, како и тоа дека се возат и лица кои не носат заштитни маски, а никој не го почитува правилото за дистанца од два метри.

– Вчера првпат се качив во автобус откако почна пандемијата со коронавирусот во нашава земја и плус сменив четири автобуси. Никој во ниту еден автобус не контролираше дали патниците носат маски, имаше и такви кои не носеа, иако мора да признаам дека беа ретки. Нема ограничување ниту на бројот на патници кои можат во даден момент да се наоѓаат во автобусот, што значи дека повторно може да дојде до создавање на големи гужви. Луѓето седат на седиштата еден до друг – вели загрижена читателка на „Слободен печат“.

Од друга страна, од ЈСП Скопје ги демантираат овие тврдења и за „Слободен печат“ велат дека постојат лица кои го регулираат влегувањето на патниците и внимаваат на тоа кој од нив носи заштитна опрема.

„Во речиси сите возила има службени лица кои го контролираат влезот на патниците, односно се контролира дали патниците носат соодветна заштитна опрема (маска) и се регулира бројот на патници. Согласно владината Уредба за јавен превоз, во возилата е дозволено бројот на патници да биде најмногу до 50 отсто од капацитетот на возилата и граѓаните не смеат да го користат јавниот превоз без маска. Ангажираните лица не дозволуваат влез на патници без маска“, информираат од ЈСП.

Јуни 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

За дополнително избегнување на близок контакт помеѓу луѓето во автобусите од ЈСП објаснуваат дека се работи на ставање на налепници на седиштата, кои јасно ќе укажуваат на тоа на кое седиште не смее никој да седи.

„Истовремено, во постапка сме за обележување на седиштата со налепници со кои јасно ќе биде истакнато на кои седишта не смее да се седи, како би се избегнал човечки фактор кој би го регулирал бројот на патници, а би се испочитувал протоколот за почитување на растојание, социјална дистанца во возилата на јавниот превоз“, додаваат од ЈСП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот