Граѓаните да не подлегнуваат на страв и паника – тоа е штетно за имунолошкиот систем!

Д-р Дејан Трајков: Времето потребно имунолошкиот систем да го покаже својот максимален ефект е индивидуално и различно.

Граѓаните не треба да се плашат. Природата се погрижила имунолошкиот систем да биде способен соодветно да одговори кон сите досега познати антигени, па дури и кон сите оние што допрва ќе се создадат во иднина. Само треба да му се остави доволно време тоа да го направи, како и малку да му се потпомогне, вели имунологот д-р Дејан Трајков, професор на Медицинскиот факултет – Скопје во врска со коронавирусот.

-Единствената разлика меѓу сите нас е во тоа што времето потребно имунолошкиот систем да го покаже својот максимален ефект е индивидуално и различно. Ние сега можеме да му помогнеме само со консумација на одредени минерали и витамини. Нивниот вид и концентрација зависи од претходната физичка и психичка состојба на организмот, што е повторно индивидуално. Секако, што е исто така многу важно, во никој случај не треба да се наруши невро-ендокрино-имунолошката оска која постои во нашиот организам. Со други зборови, не треба да подлегнуваме на никаков страв и паника, бидејќи стресот кој при тоа се јавува веднаш ќе доведе до инхибиција на имунолошкиот систем и неможност на организмот благовремено да се одбрани. За тоа воопшто и нема причина, нагласува д-р Трајков.

Според него, одморот и сонот, кои сега ни се потребни во поголем обем, а кои ни се овозможени со подолгиот престој во домовите поради изолацијата, се едни од битните чинители кои исто така ќе му помогнат и ќе овозможат правилна функција на имунолошкиот систем.

-Министерството за здравство и здравствените работници досега ги имаат преземено сите соодветни здравствени мерки, правовремено и во доволен обем, за да му овозможат на имунолошкиот систем навреме да се разбуди и да ја изврши својата должност, оценува проф. д-р Трајков од Медицинскиот факултет во Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот