Граѓаните бараат спас од змиите во Жданец

Од Општина Карпош тврдат дека досега за делот околу Жданец не им пристигнала никаква пријава за појава на змии, но како што велат од оваа скопска општина, тие се отворени за комуникација со граѓаните и бараат од граѓаните да посочат конкретните адреси и делови во кои се појавиле змии за од нивна страна повторно да биде направена вонредна акција за да се спречи појавата на влекачи.

Топлото време и високата влажност на воздухот ги привлече змиите да излезат од своите скривалишта во потрага по храна. Како резултат на тоа, на неколку локации во Скопје, во изминативе неколку денови се забележани змии како лазат по тротоари, низ трева или, пак, едноставно се кријат во повисоките грмушки. Иако, за среќа, нападот од змија во градските средини е исклучително редок, сепак ретко кој не се вознемирува од глетката кога ќе наиде на ваков тип влекач пред себе. Појавата на змии во потрага по храна, многу почесто е видлива во приградските населби, иако влекачите можат да се забележат и во другите општини во Скопје.

Во изминатиот период змии се забележани во населбата Жданец. Локалното население од оваа населба сведочи на зачестена појава на влекачи, а најмногу ги загрижува тоа што змиите се забележани на локација во чија што непосредна близина се наоѓа детско игралиште, кое секојдневно го посетуваат голем број дечиња.

Иако за среќа појавата на змиите е многу ретка, сепак жителите бараат надлежните да изнајдат соодветно решение за ваквата состојба на терен, но и поредовно да ја одржуваат вегетацијата, се со цел да се спречи несакана ситуација.

– Одејќи накај работа, по скалите што водат кон населбата Козле наидов на змија. Буквално се преплашив бидејќи глетката воопшто не беше убава, па стравот доминираше и морав да се вратам за да не дојдам до поблиска средба со змијата – раскажува К.М., жител на населба Жданец, кој посочува дека во близина на местото каде што била забележана змијата има детско игралиште, но и висока неискосена трева каде што најверојатно се кријат влекачите.

Од Општина Карпош тврдат дека досега за делот околу Жданец не им пристигнала никаква пријава за појава на змии, но како што велат од оваа скопска општина, тие се отворени за комуникација со граѓаните.

– Нека ги посочат конкретните адреси и делови во кои се појавиле змии и повторно ќе имаме вонредна акција за да се спречи појавата на влекачи – велат од Општина Карпош.

Оттаму информираат дека вршат редовна есенска и пролетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и акции за намалување на присуството на влекачи.

– Околу сите градинки и основни училишта се фрлени и коцки „репелент“ против змии, чија цел е да ја спречат нивната појава. Исто така, вакви коцки неодамна се поставија и во должина на Кејот на Вардар, откако ни пристигнаа неколку пријави од граѓани. Значи, покрај редовните акции, реагираме и вонредно на терен, по пријава на граѓани. Истакнуваме дека овие „репелент“ коцки се безопасни за околината и за здравјето на граѓаните – објаснуваат од Карпош.

Познавачите на влекачите велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот. Од април до јуни им е периодот на парењето, но според познавачите, тоа воопшто не ги прави поагресивни. Во нашата земја постојат 16 различни видови змии, но за среќа само три вида отровни змии.

Доколку граѓаните забележат змија во своја непосредна околина, се препорачува да ја заобиколат во што е можно поширок круг и да не ја фаќаат во никој случај.

Исто така, за да се намали појавата на овој вид влекачи во Скопје, се препорачува редовно одржување на градското зеленило.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот