Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во скопските општини се самоорганизираа за чистење на ѓубрето

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во Скопје се самоорганизираат и од вечерва ќе се чистат улиците полни ѓубре заради неспособноста на Арсовска и градските власти, соопштија од партијата.

– Неажурноста и неспособноста на градските власти и Данела Арсовска резултираа со купишта ѓубре по улиците низ Скопје. Главниот град со денови тоне во смет, а градската власта само се расправа со вработените, додека ѓубрето шири неподнослива миризба низ урбаните средини. Граѓаните се оставени на пеколни температури да ја трпат миризбата, и да бидат изложени на потенцијални зарази, затоа што градските власти не можат да го соберат ѓубрето од улиците, стои во соопштението.

Станува збор за градоначалниците: Тимчо Муцунски на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, Бобан Стефковски на Гази Баба, Александар Стојкоски на Ѓорче Петров и Дарко Костовски на Бутел кои ќе бидат на терен со општинските служби во чистење на Скопје од ѓубрето.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека за чистење е побарана е помош од повеќе општини од внатрешноста на државата, управувани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе испратат возила за собирање на ѓубре.

-Поради ваквата состојба, побарав помош и лично се обратив до мојот колега Марко Колев градоначалник на Општина Велес. Тој веднаш се одзва на моето барање и уште вечерва ќе испрати механизација и работна сила, која заедно со вработени од општина Бутел ќе спроведат голема акција за чистење на насобраното ѓубре. Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење, напиша на Фејсбук Дарко Костовски, градоначалник на општина Бутел.

Општина Аеродром пак доби помош од градоначалникот на Штип.

-На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите. Благодарност до Иван и Општината Штип за поддршката и помошта. Ние, утре со своите расположливи капацитет продолжуваме да работиме на расчистување на сметот и контејнерите, напиша Муцунски на Фејсбук.

Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски побарал и ќе добие помош од соседните општини Илинден и Петровец.

-Недостатокот на соодветно менаџирање на институциите под надлежност на град Скопје доведоа во состојба граѓаните во нашите општини да се соочат со проблем и не собирање на сметот од страна на ЈП Комунална хигиена иако сите ние како граѓани им плаќаме месечна такса. Имајќи го предвид наведеното, остварив телефонска комуникација со градоначалниците на општините Илинден и Петровец, Александар Георгиевски и Борче Митевски со кои се договоривме да испратат камиони за собирање на сметот од контејнерите во општина Гази Баба. Ја мобилизирав дел од администрацијата и целото ЈКП Гази Баба и во текот на вечерта ќе се превземат теренски активности за подигање на сметот, напиша Стефковски на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот