Градимир се одјави, замина голем човек

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Градимир Јовановиќ – Киби замина на 22 септември. Се одјави од возбудливата и богата програма на својот живот. Никогаш не успеав да го сретнам лично. Но го познавав и ми беше близок и драг, благодарение на сѐ што направил во својот исклучително богат живот.

Среде дневните „битки“ со времето и обврските, ми заѕвони мобилниот телефон. Бројот ми беше непознат, но секако кренав слушалка, сакајќи за момент да ги одморам очите од компјутерските монитори.

Ми се јави познат глас, но не од моето опкружување, туку од „општата култура“ на следење вести речиси половина век (да, од дете следам вести).

„Овде Градимир Јовановиќ“ – рече човекот од другата страна на линијата, потврдувајќи дека не ме лаже сеќавањето оти станува збор човек со чиј глас растевме во поранешната федерација.

Се јави да ми каже неколку зборови за моите текстови. Јас малку се сплеткав, имав трема, зборував со еден од бардовите на југословенското и македонското новинарство. Основач на мојот омилен весник „Слободен печат“. Гласот му беше впечатлив и длабок, зборовите одмерени, изразот директен.

Го побарав и пред извесно време кога здравјето веќе му беше нарушено. Годините и здравствените предизвици ни најмалку не ја беа попречиле виталноста на неговите мисли. Гласот, пак, незаборавен. Разговаравме кратко, но секоја негова поента беше незаборавна.

Знам за него и многу повеќе од дел од неговото потесно семејство. Знам малку за него. Кога некој има биографија како Градимир Јовановиќ, колку и да знаете за него – малку е. Посебно интересни ми беа сториите за неговите средби со Тито, па за животните и професионалните турбуленции какви што може да има еден човек со таков ков, позив и карактер и, конечно, за големите државни признанија (од двете држави во кои работел како новинар) со кои може да се гордее не само тој и семејството, туку и целото општество.

Градимир Јовановиќ – Киби замина на 22 септември. Се одјави од возбудливата и богата програма на својот живот. Никогаш не успеав да го сретнам лично. Но го познавав и ми беше близок и драг, благодарение на сѐ што направил во својот исклучително богат живот.

Слава му!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот