Гоу Венко, гоууу…

Борче Боки Трајковски / Фото: Фронтлајн

Морбидни се и во реториката и во интонацијата вмороните и некои од антивладините идиоти, во кои, пред болката, жалоста, сочувството во вакви трагични моменти што природно се појавуваат кај секој нормален човек, кај нив се препознава желбата за политизирање на трагедијата, не штедејќи ги капацитетите на пилешките мозоци, барајќи оставки и одговорности, небаре Венко, Заев и Ахмети го подметнале пожарот.

За нив е битно Венко да поднесе оставка од морални причини, за потоа да го нападнат со уште пожестоко оружје од фронтовските безбедни ровови во дивата палата со уште погнасните и поморбидни орудија, демек, ете го, конечно призна дека тој е „убиецот“, дека тој е најнеспособниот, и како најголема кукавица се повлече од позицијата и избега од одговорноста. Да беше со чиста совест, ќе останеше на позицијата да се бори докрај.

Пожарите низ државава не беа случајни, или барем така личеа, но за тоа нека се изјаснат истражителите и обвинителствата, ама, за нив, за македонското зло, пресликано во политичката партија ДПМНЕ, таа несреќа во која изгореа илјадници хектари шуми во Македонија, беше причина за барање неотповиклива оставка на Владата. Не за да изгаснат пожарите, туку тие да се устоличат на власт, па макар сите шуми во државата да изгорат. Истото беше со набавката и доцнењето на вакцините, со ковид-мерките, со избегнувањето на вакцинирањето, сега и со бојкотирање на пописот. Тие немаат друга цел, ниту намера, ниту имаат интелект за политичко противставување со власта, па несреќите, сообраќајките, пожарите, не дај Боже, земјотреси и поплави, се најсилното орудие преку кои ја напаѓаат власта, барајќи оставки, за и во најголемите непогоди за државата тие да се устоличат на власт. Страшно и морбидно, ама тоа е…

Во вториот фронт се истакнуваат феномените на мразачите на власта, добро набилдани со сознанија за вистинските вредности во власта, па сите „отровни“ стрели ги насочуваат кон Филипче и Заев. За Рада имаат нуклеарни полнења и најверојатно им се поодамна потрошени. За нив, најбитно е оваа власт, на чело со Заев, да ја снема. А најсилната алка во таа власт е Венко. И не чекаат да се распостелат со барање морал, со објаснување што е тоа морал, што е неморал, што е морална и што неморална оставка. Тие се разлигавуваат на секоја можност поради тоа што имаат свои лични интереси да ја нема оваа власт, а кој ќе дојде на нивно место, работата им е „та преку Тасета“. Ниско, цинично, дрско, безобразно…

Што ќе добиеме со оставката на Филипче? Ќе оживеат загинатите од пожарот во Тетово? Ќе оживеат починатите од ковидот? Ќе престане да се шири заразата со ковид? Модуларните болници преку ноќ ќе се трансформираат во безбедносни бедеми изработени од титаниум? Новиот Клинички ќе никне за два дена, ем супермодерен ем поевтин? Ќе престанат апелите за вакцинирање? Ќе ги фрлиме маските? Ќе престанеме да набавуваме лекови, опрема и вакцини? Сите кои чекаат трансплантации на срце и бубрези одеднаш ќе оздрават? Паркингот на Клинички ќе биде бесплатен?

Венко нема да остане вечно на таа позиција. Но, кога и да замине, со оставка или без неа, единствено нешто што ќе добиеме, ќе биде фактот дека скептиците ќе си ги наполнат ситните души, а државата ќе изгуби голем човек на значајна позиција. Ништо друго. Кога повторно ќе им се испразнат, ќе видат колку вредел Венко. И тоа е нешто од ништото… Венко, од таа позиција, за државата, за здравството, за издржливоста и посветеноста направи многу, а со понудената оставка Македонија доби уште еден ТОН НОРМАЛНОСТ. Да сум јас Заев, ќе му ја одбијам оставката… Венко, го напаѓале или не, останува позитивна фигура која долго ќе се памети и ќе се споменува. Пред сè,  поради човечката димензија, скромноста, посветеноста, професионалноста и нормалноста…

Гоу Венко, гоууу…

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот