ГОСТИЛНИЦА ГАНЗА: Една кафана (општество) за сите

Фото: Ерол Шаќири

Кафаната Ганза (чика Томе), верувам сите скопјани знаат, се наоѓа во Дебар маало, една од најстарите кафани на боемската улица. Внатрешно уредена со камен и дрво, еден прекрасен типично балкански амбиент. Но, таа е повеќе од тоа, многу повеќе од склоп на камен и дрва, кафаната има душа.

Таа живее, таа може да се почувствува, таа плаче, таа се радува, таа се смее, во зависност од моменталната атмосфера која пак е производ на гостите во кафаната. А гостите во кафаната се следниве: Јас и моето друштво (Македонци, Албанци, Турци, Срби, Хрвати, Бошњаци, Роми), стари боемчини, писатели, поети, уметници, пејачи, обични работници, невработени, бизнисмени, адвокати, новинари, доктори, чат пат по некој политичар…црни, бели, сдсмовци, вмровци, дуисти, дпаовци, неопределени, католици, муслимани, православни, атеисти, хетеросексуалци, хомосексуалци, мажи, жени, стари и млади…. И легендарниот чика Тули, старец по години, а момче во душата, со гитара и 3 книги секогаш со него.

Во тие три книги се испишани нотите и текстовите на најдобрите песни од овие балкански простори, а и пошироко. Тие песни во оваа кафана се пеат во едно грло, нема фронтмен, а нема ни пратечки вокали, едно грло. Од ”Сношти минав” и “Македонско девојче”, преку “Рока Мандолине”, “Мој Дилбере”, “Свилен Конац”, до “Осман Беј” И “Сао Рома”. Оваа душа кафанска е сведок на милион човечки судбини, на многу солзи пролеани, некои тажни, некои солзи радосници. Многу родендени тука се доживеале, веридби, просидби, разделби, матури, многу раѓања на деца тука се прославувале, многу последни почести на заминатите се оддавале, бизниси се договарале, многу спортски успеси се  прославиле, многу животни одлуки се носеле.

Тука се пееле песни, се играле ора, се рецитирале поеми..…Тука се дебатирало за политика, економија, историја, филозофија, спорт, уметност…Многу различни настани и случувања се одвивале, за кои ми требаат 10 тома да ги опишам, но едно било секогаш исто, сите сме биле заедно, и во радоста и во тагата. Плаќале некогаш сите, некогаш пола, некогаш еден, некогаш ниеден, па сме се задужувале, внатрешно (кафанскиот тефтер) и надворешно (другари, пријатели, роднини), а тефтерот на чика Томе не познаваше нација и вера. Тука доаѓале гости од Турција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, седеле со нас, јаделе и пиеле, и сите си отишле среќни и задоволни. Доаѓале Германци, Англичани, Французи, Американци, Руси, со строги скаменети лица, сме ги примале така, а сме ги испраќале со широки насмевки.

Сепак, во кафаната немаше место за одреден тип на луѓе, немаше место за дивљаци, немаше место за насилници, ширачи на омраза, националисти, тие беа исфрлани. Некои од нив брзо сфаќаа дека не им е местото тука, па сами заминуваа, а на тие кои не сакаа да заминат и се обидуваа да наметнат нешто што тука воздухот не го примаше, им беше покажана вратата.

Ганза луѓе, е олицетворение на нашето општество. Ганза е нашето најголемо богатство, нашата вредност, само со Ганза можеме да и се наметнеме на Европа. Имаме ние што да и дадеме на Европа, само прво треба ја препознаеме и прифатиме, да ја потврдиме нашата најголема вредност како општество, а тоа е мултикултурализмот.

Како индивидуи пред се, треба да излеземе од рамките на етноцентризмот и да се насочиме кон културниот релативизам. Едно општество за сите е прекрасен проект, но ќе треба уште малку време да помине за целосно да се реализира. Едно општество за сите не е врзан со ниеден датум, па ни со оној што Германија и Франција треба да го одобрат, та бил јули, октомври или декември, „фаркетмез“ што би рекле Турците.

Покрај сите недостатоци на владејачката гарнитура, силно верувам во овој проект и патот по кој сме тргнати и одговорно тврдам дека никоја друга власт нема капацитет и желба пред се, да не однесе таму кај што треба да бидеме, НАТО И ЕУ. Јас бирам да сум Европеец, а вие продолжете да бидете Велики Македонци, Велики Албанци, Велики Срби, прашање на избор е тоа.

Европеец, колку ли само убаво звучи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот