Душко Гошевски/Фото Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Гошевски: Пирамидалните шеми секогаш имаат некоја приказна зад себе, кликањата се измама

Сите што профитираат на врвот од пирамидата, не заработуваат од некоја глобална компанија, туку од нашите сограѓани што биле под нив во шемата, можеби се роднини, можеби се пријатели, познајници, од нив го имаат ќарот

Не постои поддршка на филмска индустрија, ниту поддршка на вештачка интелигенција – сè се тоа различни приказни за пирамидални шеми, во кои малкумина ќе профитираат на грбот на многумина што си ги губат парите, алармира Душко Гошевски, адвокат и експерт за криптовалути, во разговорот за емисијата „Слободен печат“. Тој вели дека мора да се работи на подигнување на финансиската писменост на граѓаните, а последен доказ за тоа е пирамидалната шема Конти каде што влегоа 14.000 граѓани. Според процените, во шемата се свртеле 15 милиони евра, од кои 10 милиони евра некои загубиле, а 5 милиони евра добиле.

 

– И кај Конти станува збор за класична Позни пирамидална шема каква што сме имале и досега, а какви што има и во целиот свет уште од пред 100 години кога се појавила првата пирамидална шема наречена по Чарлс Позни. Во шемата има еден систем на инвестирање каде што тие што се горе на пирамидата земаат пари од тие што се долу во пирамидата и во еден момент пука целата работа – објаснува Гошевски.

Во Конти шемата граѓаните купувале криптовалути, но оваа криптовалута е само посреден начин да се влезе во апликацијата, која едноставно можела да се симне.

– Купуваат пакети од 50, од 250 долари, од 500 долари и така натаму. Се ветуваат ненормално високи камати, камати од 5 проценти, од 6 проценти, од 10 проценти на ден, што не постојат во реалниот финансиски економски систем. Но, некои од оваа измама се офајдуваат, затоа што мора да се покаже дека шемата има реална добивка. Но, сакам да ја информирај јавноста, а и нив, дека тие пари не се заработени од некоја глобална компанија, туку баш од нашите сограѓани што биле под нив во шемата, кои можеби им се и роднини, пријатели, познајници, од нив го имаат ќар. Тие што подоцна влегле во шемата, ги губат сите пари – дециден е експертот.

Тој објаснува дека луѓето во овие шеми се намамуваат со приказна во која им се претставува дека нешто навистина работат.

– Конти имаше приказна дека од тоа се поддржува видеофилмската индустрија. Тоа нема врска… тоа е колку да има некоја приказна во заднина, демек нешто се работи: треба да кликнете 5 пати, 10 пати на ден, да погледнете некои трејлери и така да ја подржите филмската индустрија. Има и други апликации, секој има различна приказна, може да се поддржува вештачка интелигенција, ама одговорно тврдам дека ништо од тоа нема врска – вели Гошевски.
Во однос на криптовалутите, тој вели дека сега има парцијална регулација, но дека мора да има целосна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот