Големите фирми бараат товарот на кризата да се распредели „врз грбот на сите по малку“
Зоран Јовановски, поранешен потпретседател и кандидат за претседател на Социјалдемократскиот сојуз, кој сега е втор човек во Стопанската комора на Македонија, вели дека замрзнувањето на цените „не е пазарно решение“ и дека „товарот на кризата не смее да го носи само една индустрија, туку да се распредели врз грбот на сите по малку“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Државата може да интервенира во време на криза, но треба да дава финансиска помош само на семејствата на кои им е потребна. Замрзнатата цена на лебот ја користат и тие што немаат пари и оние кои можат да платат петпати поскап леб. Зошто и ним да им е достапен лебот со субвенционирана цена? – прашува Јовановски во изјава за порталот „Пари“.
Според него, решението е цената да биде пазарна, произлезена од понудата и од побарувачката.
„Финансиска помош да даде државата на ниво на семејство, не на поединец. Тоа семејство ќе купува леб по замрзната цена, а сите други ќе си плаќаат пазарна цена. Кога цената е пазарна, и тој што го произведува брашното, и пекарот и трговецот, сите во ланецот нормално ќе се однесуваат. Дали е обврска на пекарот, млекарот или некој друг од прехранбената индустрија да се грижи за социјалниот статус на граѓаните? Ако сум јас пекар, дали е мое јас да се грижам за социјалниот статус? Дали јас функционирам во пазарна економија? Тоа е клучното прашање. Ако да, зошто тоа да биде само на тие што се во прехранбената индустрија? Зошто таа обврска да не важи и за некоја друга индустрија?“ – прашува Јовановски.
Тој смета дека доколку би биле координирана пазарна економија, тогаш „би седнале, би се договориле и би се организирале во општеството, па товарот ќе падне по малку на сите“.


