Премиерата на претставата ќе се одржи на 29 декември во МНТ / Фотографија: Кире Галевски

Големиот 80-годишен јубилеј Македонскиот народен театар ќе го одбележи со врвен сценски спектакл

По повод 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар, на 29 декември, на големата сцена, премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ во режија на Дејан Пројковски.

Претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ е спој на минатото и сегашноста преку клучните вредности на МНТ – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината.

Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите, задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.

Сценскиот спектакл беше најавен на прес-конференција, што се одржа во МНТ, на која се обратија Никола Кимовски, директор на МНТ, Дејан Пројковски, режисер, Горан Трајкоски, автор на музиката, и актерот Сашко Коцев.

– Осум децении Македонски народен театар значат многу повеќе од хронологија. Тие значат сцена како простор на слободна мисла, одговорност и визија. Значат генерации уметници што го сфаќале театарот, не како професија туку како животен повик. Во тој контекст, сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МНТ“, кој премиерно ќе биде изведен на 29 декември, не е јубилејна театарска форма по инерција, туку релевантен уметнички чин во полн состав. Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Нејзина амбиција е да го допре она што е втиснато во колективната меморија на МНТ – гласовите, телата, тишините, храбрите одлуки, и луѓето на сцената и зад неа, без кои театарот не може да постои – рече директорот Никола Кимовски.

Прес-конференција во МНТ – Сашко Коцев, Никола Кимовски, Дејан Пројковски и Горан Трајкоски / Фотографија: Кристијан Теодоров

Во претставата учествува огромна актерска екипа од ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски пејачи, актери и студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“ во кореографија на Олга Панго и асистент на кореографот Ирена Лозинска. Асистент на режија е Андреј Цветановски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композиторот Горан Трајкоски, а дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.

Публиката ќе биде дел од големо патување во театарот на сонцето. Големиот сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со акцент на 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавање мултимедијални сцени на оригинален начин, пред сѐ, преку силно визуелен израз да се раскаже 80-годишното театарско постоење на МНТ.

Сценскиот перформанс е инспириран од сѐ она што е важно, амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура и традиција и за Македонија, воопшто. За режисерот Дејан Пројковски поставувањето на претставата е огромн чест, а кон целиот процес пристапил со голема одговорност и возбуда.

– Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. Во претставата ќе бидат претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија ќе видиме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција – рече режисерот Дејан Пројковски.

Во претставата учествува голема актерска екипа како и целиот вработен тим на МНТ зад сцената – од техничките служби, сценографијата, преку сценските работници, администрацијата и продукцијата – луѓе чиј труд најчесто не се гледа, а без кои театарот не може да постои.

– Голема чест е да се биде дел од оваа голема екипа и да се биде рамо до рамо со сите актери што учествуваат во претставата. Голема чест е затоа што МНТ не е место кое ти припаднало. Ова е место за кое сум се борел, сум сонувал и сум мечтаел. Тука сум веќе 17 години и уште трае борбата да се биде што е можно подобар – рече актерот Сашко Коцев.

Сашко Коцев / Фотографија: Кристијан Теодоров

Во претставата ќе бидат реконструирани сцени од култни претстави на МНТ и ќе биде направен колаж од драмски автори, поети, драматурзи, меѓу кои се Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Григор Прличев, Живко Чинго, Васил Иљоски, Војдан Чернодрински, Ристо Крле и други. Консултант во драматургијата е Венко Андоновски.

Во претставата играат актерите од ансамблот на МНТ: Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Тони Михајловски, Владо Јовановски, Снежана Коневски Руси, Александар Шехтански, Кирил Андоновски, Томе Витанов, Нино Леви, Искра Ветерова, Сенко Велинов, Дарја Ризова, Тања Кочовска, Никола Ристановски, Сашко Коцев, Звездана Ангеловска, Борче Начев, Благој Веселинов, Нина Деан, Ѓорѓи Јолевски, Габриела Петрушевска, Александар Ѓорѓиески, Наталија Теодосиева, Стефан Спасов, Александар Микиќ, Марија Новак, Оливер Митковски, Николина Кујача, Софиа Насевска – Трифуновска, Арна Шијак, Дамјан Цветановски, Григор Јовановски, Ненад Нацев, Јордан Симонов, Гораст Цветковски, Сашка Димитровска, Ивица Димитријевиќ, Висар Вишка, Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Тина Трпкоска, Билјана Јовановска и Јана Вељановска.

Во претставата учествуваат и актерите Леонида Гулевска, Бранко Михајловски, Илина Чонкова, Ванеса Тримчевска, Анастасија Митровска, Иво Јездиќ, Мирјана Трпковска, Ирена Димеска, Кристина Гиева, Ана Јовановска, Нела Павловска, Томе Станковски, Јована Миладинова, Стефанија Начевска, Стефани Димитрова, Енис Билаловиќ, Ѓорѓи Нешковиќ, Илин Јовановски, Тамара Ристоска и Тодор Стојковски.

Специјални гости се оперските солисти Ана и Игор Дурловски. Во театарскиот спектакл учествуваат и членови на Актерското студио „Михајловски“.

МНТ упатува голема благодарност до Музеј на Македонија, до директорот Борче Топуковски и до Илија Цурев за помошта и соработката во овој значаен проект.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот