Голема закана за Џакарта: Глобалното затоплување може да го потопи главниот град на Индонезија

Џакарта со 11 милиони жители често страда од поплави/Фото: EPA-EFE/MAST IRHAM

Главниот град на Индонезија би можел да биде под вода до 2050 година, предупредува „Phys.org“, повикувајќи се на податоци од Националната агенција за истражување и иновации.

Експертите сметаат дека доколку не се преземат неопходни мерки за намалување на последиците од глобалното затоплување, најмалку 25 проценти од метрополата ќе бидат потопени до средината на векот.

Зголемените температури предизвикуваат топење на глечерите на Антарктикот, Гренланд и Хималаите. Ова постепено го подигнува нивото на светските океани и ги загрозува крајбрежните области на Земјата. Силните циклони и плимата и осеката предизвикани од климатските промени, како и поројните дождови, ќе ја влошат ситуацијата.

Потребно е многу труд за да се решат овие проблеми

Според најновото истражување на Универзитетот ИПБ, во периодот меѓу 2019 и 2020 година различни делови на Џакарта биле загрозени од потопување на 1,8 – 10,7 сантиметри. Една од причините за оваа појава се подземните води. Тоа создава празни простори под главниот град и предизвикува спуштање на почвата. Истовремено, нивото на светските океани се зголемува и сега изнесува 13-20 сантиметри повисоко отколку во 1900 година.

Во статијата се нагласува дека дури и американскиот претседател Џо Бајден во јули ја советувал Индонезија да го пресели својот главен град на друга локација во следните 10 години, бидејќи климатските промени би можеле да ја остават Џакарта под вода.

Научниците постојано се осврнуваат на потребата за ублажување на ефектите од глобалното затоплување на планетата. Повеќе од 190 земји го потпишаа Парискиот договор, кој предвидува одржување на температурата на Земјата во рамките на 1,5 степени Целзиусови. Според овој план, државите мора да преземат конкретни мерки за да се прилагодат на климатските промени, да ги намалат штетните емисии и да се префрлат на обновливи извори на енергија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот