Годишниот концерт на студентите на ФМУ ќе се одржи со наслов „Орион – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност (ФМУ) – Скопје го најави годишниот концерт на своите студенти, оваа година насловен „Орион – каде што се раѓаат ѕвездите“, по повод 59-годишнината од постоењето на институцијата. Прославата ќе се одржи на 5 декември, со почеток во 20 часот, во големата концертна сала на македонската Филхармонија.
Препорачано
Алма матер на речиси сите истакнати уметници во земјата, регионот и пошироко, Факултетот за музичка уметност – Скопје останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации уметници – изведувачи, педагози и творци, кои го обликуваат и водат уметничкиот живот во Македонија и раководат со најзначајните музички и културни институции.
Програмата на годишниот концерт ќе ја изведат: Симфонискиот оркестар на ФМУ; Мешаниот хор „Драган Шуплевски“; Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“; Оркестар од народни инструменти и солисти; Студенти од Катедрата за балетска педагогија; Студенти од Катедрата за џез и популарна музика; Дувачкиот ансамбл на ФМУ; под диригентските палки на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Музичка програма содржи дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студенти од одделот за џез и популарна музика А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на концертот е слободен, известија од Факултетот за музичка уметност – Скопје.


