Годишната изложба на членовите на Фото клуб „Елема“ е поставена во галеријата „Рудиќ“
Ознаката „Квадратен метар“ не е само наслов на годишната изложба на членовите на Фото клуб „Елема“ – тоа е концептуална рамка што отвора простор за експеримент и личен израз.
Препорачано
Изложбата претставува веќе традиционално годишно собирање на членовите на Фото клуб „Елема“, кои се претставуваат пред јавноста без тематски ограничувања, без зададени форми и без очекувања да се вклопат во стандардните фотографски клишеа.
Секој автор добива симболичен простор од еден квадратен метар – доволно за да се изрази, а истовремено доволно ограничено за да ја поттикне креативноста. Тој квадратен метар може да биде исполнет со фотографија, видео, инсталација… Границите се поставени само физички, додека идејно се целосно отворени.
– „Квадратен метар“ е, на крајот, повеќе од мерка на простор. Тоа е мерка на слобода – и токму тоа е суштината на оваа изложба – истакнува фотографот Боро Рудиќ.
Изложбата беше отворена на 14 октомври и во галеријата „Рудиќ“ ќе може да се посети до 28 октомври годинава.


