Годинава К-15 за повеќе од 84 илјади административци, до декември треба да им легнат по 11 илјади денари на сметка

Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, од јули 2023 година, правото на регрес за годишен одмор како општа категорија стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Од 1 јули регрес за годишен одмор исплаќаат и компаниите од приватниот сектор, а најмалиот износ се движи нешто над 16.000 денари

Со новиот ребаланс, Владата обезбеди 1 милијарда денари за исплата на К-15 за вработените во администрацијата, и покрај тоа што претходната влада не предвидела средства за исплата на К-15 во основниот буџет, информираа од владината прес- служба. Со оваа одлука повеќе од 84 илјади вработени во државната администрација ќе добијат по 11.000 денари К-15. Исплатата ќе биде најдоцна до декември годинава, а со овој пакет, регрес за годишен одмор ќе добијат и вработените наставници во училиштата.

Со новиот Општ колективен договор за јавниот сектор 2, од јули 2023 година правото на регрес за годишен одмор како општа категорија во износ од 10.000 денари, стана задолжително и за сите работодавачи од јавниот сектор. Поточно, за првпат по две децении, регрес добија и наставниците. Вработените во образованието последен пат добија К-15 во 2020 година, но наместо пари им беше исплаќан во канти сирење, маслинки или салами…

Освен наставниците, регрес лани добија и органите на државната и на локалната власт и друг државен орган основан во согласност со Устав и закон, како и институциите од науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и други дејности од јавен интерес утврдени со закон, а организирани како агенција, фонд, јавна установа и јавно претпријатие основано од Република или од општина, од градот Скопје, како и од општина во градот Скопје.

Од 1 јули годинава, компаниите почнаа да исплаќаат К-15 за 2024 година, а законската обврска на работодавачите е да го исплатат до 31 декември. Најмалиот износ што треба да легне на сметките на вработените од приватниот сектор е нешто над 16.000 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето-плата во Македонија – 41.424 денари, статистички просек за периодот април-јуни годинава.

Доколку фирмите го исплатуваат подоцна до крајот на годината, износот може да биде и поголем, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата. Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку шест месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. За да примамат нови, но и да ги задржат постојните вработени, дел од фирмите веќе се пофалија дека ќе исплаќаат К-15 до 40.000 денари!

Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат.

Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор. Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот