Олена Красиловска | Фото: Фејсбук

Го преживеала холокаустот, а загина во руски ракетен напад врз Киев – судбината на 86-годишната Олена

Жена која го преживеала холокаустот, 86-годишната Олена Красиловска, е убиена во нејзиниот дом за време на руски ракетен напад врз Киев во вторникот навечер.

Нејзиниот живот, кој го поштедија ужасите на нацистичката окупација, трагично заврши во војната што Русија ја води против Украина.

Олена е една од седумте цивилни жртви страдани во овој напад врз украинската престолнина, пишува „Телеграф“.

Преживеала ужаси од 20. век

Олена Красиловска е родена во 1939 година во Киев, како ќерка на мајка Русинка и татко Еврeин.

Кога нацистите го нападнале Советскиот Сојуз, нејзиниот татко се приклучил на војската, а таа со мајка ѝ останала во окупираниот град од кој не успеале да побегнат.

Благодарение на помошта од роднини и соседи, ги преживеале воените ужаси, а по завршувањето на војната во семејството се вратил и таткото.

Посветеност на семејството и заедницата

По војната, Олена дипломирала и изградила кариера како инженерка во секторот за нафта и гас. По смртта на нејзиниот татко, повеќе од 20 години се посветила на грижата за својата болна мајка, а никогаш не се омажила ниту имала деца.

Кога ѝ починала и мајката, активно се вклучила во работата на локалната еврејска заедница „Хесед“, а помош добивала и од организацијата „2U“, киевски партнер на меѓународната хуманитарна агенција World Jewish Relief.

„Скршени сме од оваа трагедија“

Јулија Голденберг, директорка на организацијата „2U“, изјави за „Телеграф“:

„Седум невини луѓе се убиени во главниот град на една европска земја… Некои луѓе сега се бездомници“.

На нејзината изјава се надоврза и Пол Антикони, главен извршен директор на World Jewish Relief.

„Скршени сме од оваа трагедија. Ова е уште еден потсетник на разурнувањето и страдањето предизвикани од овој брутален конфликт“, порача Антикони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот