Владимир Путин
Владимир Путин / Фото: EPA-EFE/ALEXEY MAISHEV

Ѓуровски: Руското делување на Балканот е дел од пошироката стратегија на Путин

Македонските експерти од областа на безбедноста се едногласни дека Русија има интерес на Балканот и од политички и од економски аспект, како и дека руското делување во регионот е дел од поширока стратегија за поткопување на демократијата и на западните вредности во целиот западен свет со цел зајакнување на позициите на Москва.

За универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, балканскиот регион е дел од хибридниот конфликт помеѓу Западот и Русија, а основна цел на руската стратегија за Балканот е забавување на интеграцијата на земјите во НАТО и во ЕУ и ширење недоверба кон нив, и корумпирање на демократските системи.

– Пропагандата е традиционална руска мерка кон Балканот, која цели кон словенските православни заедници, а главната порака е „специјалната врска“ која ја имаат со Русите – вели Ѓуровски за „Слободен печат“.

Според него, Руската Федерација има четири посебни цели: Влијание во процесот на донесување одлуки во секоја поединечна држава од регионот, освојување на „срцата и умовите“ на народите, ерозија на институциите и политичкиот систем преку поттикнување недоверба во демократските и државните институции, како и интраетничка, интеретничка, социјална, културна и политичка поларизација на општествата, што води кон лошо владеење во секоја поединечна држава и зголемување на енергетската зависност во регионот.

– Руското делување на Балканот е дел од пошироката стратегија на Путин за поткопување на демократијата и западните вредности во целиот западен свет со цел зајакнување на позициите на Руската Федерација. Модусот операнди на руската надворешна политика и на руските разузнавачки служби е ист и во Европа и на Балканот, но секогаш е приспособен кон локалните околности. Во моментот, точки со најголем „прозорец на можности“ на Балканот, односно „жешки точки“ се дијалогот Србија – Косово и состојбите во БиХ поврзани со Република Српска, заклучува Ѓуровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот