Ѓаволот се предаде – наместо во притвор заврши дома оти не бил арен
Контроверзниот осомничен во случајот „Синџир“ Љупчо Пецов – Ѓаволот по долго бегство и откако го уапсија неговиот адвокат, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, се предал, но наместо во притвор заврши во куќен притвор бидејќи бил болен и не бил безбеден.
Препорачано
-Со оглед дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогон и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која истиот има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот Јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделени не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24-часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката – соопшти Кривичниот суд.
Судот ја прифатил мерката на Обвинителството, кое наместо притвор, му определило поблага мерка затоа што бил болен и небезбеден. Во куќен притвор ќе биде под задолжителен надзор.
-Одбраната на лицето за кое покажувате интерес до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за изменување на определената мерка притвор во поблага мерка укажувајќи на нарушената здравствена состојба на лицето кое веќе било на болничко лекување поради истата и на кое му било препорачано понатамошно лекување. ОЈО ГОКК ценејќи ги истакнатите околности, како и околностите што укажуваат на сериозни влијанија врз постапката и влијанија врз лицето, фактот дека лицето доброволно се пријавило и ги предало двете патни исправи што ги поседува и индициите што укажуваат дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, јавниот обвинител на закажаното рочиште пред судијата на претходна постапка го измени предлогот и предложи да му биде определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката – објаснуваат од Обвинителството.
Пецов Ѓаволот е еден од осомничените за финансиски криминал во случајот „Синџир“ заедно со бизнисменот Стојан Чифлигароски од Битола и се товарат дека биле организатори на групата, но за нив немаше обвинение бидејќи се во бегство. Во случајот Синџир, пак, се товари дека неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ издавала фактури за фиктивни услуги и со тоа го намалил ДДВ-то што требало да го плати.
Пецов и неговото семејство претходно беа осудени и во случајот „Керозин“ од пред десет години бидејќи нивната фирма „Алма комерц“ точела помалку нафта отколку предвиденото со тендерите кои оваа фирма ги добивала. Судот пресуди дека тие, како сопственици на фирмата „Алма комерц“, биле организатори на групата. Меѓу останатите осудени се и сопственици на фирми со кои соработувале, потоа возачи на цистерни, но и вработени во оштетените институции. Се проценува дека фирмата успеала да заштеди три илјади тони гориво, а со тоа да го оштети Буџетот за речиси два и пол милиони евра.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница


