Ги форсираме странските, а домашните компании завршуваат половина од работите – градежниците бараат промена на системот на јавни набавки
Во Македонија има еден феномен – населението инвестира во недвижности, и тоа уште во почетните фази на изградбата, а поради големата побарувачка растат и цените на недвижностите, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при СКСМ
Македонските компании треба да бидат главни изведувачи во големите инфраструктурни проекти, а не подизведувачи на странските компании, бидејќи тие реално изведуваат повеќе од 50 отсто од работите, дециден е Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора и член на Управниот одбор на ГД „Гранит“ АД. Тој во најновото издание на „Бизнис-клуб“ со претседателот на Комората Бранко Азески, меѓудругото истакна и дека мора да се зголемат напорите за македонските градежните компании да излезат надвор од домашниот пазар.
Препорачано
-Прво, треба да се подобри бизнис-климата преку создавање подобри услови за работа на македонските компании; второ, да се зголемат капацитетите на компаниите со обезбедување стручен кадар, и трето, државата да обезбеди поголема поддршка за домашните градежни компании со вклучување во активностите на капиталните проекти по реални и фер цени. Само така компаниите ќе ги зацврстат своите позиции во домашната економија и ќе се здобијат со референци за настап на странските пазари, што ќе придонесе за подобар стандард на вработените – нагласи тој.
Серафимовски ја посочи и непрофесионалноста на јавната администрација и неефикасниот систем на јавни набавки.
-Мора да се направи промена на системот на јавни набавки, со која градежништвото ќе стане препознатлив сектор, и да се овозможи фер конкуренција. Не може сите компании да се третираат подеднакво бидејќи различни се големината, обемот и вредноста на вложувањата – објасни тој.
Серафимовски предлага нов систем при оценувањето на јавните набавки, кој нема да се заснова исклучиво на најниската цена и на брзината на изведбата, туку, пред сѐ, на квалитетот на материјалите, препознатливоста на компанијата и на реалното време потребно за реализација на проектите.
-Праксата покажа дека изборот според најниската цена резултира со употреба на неквалитетни материјали и со слаба изведба – рече Серафимовски.
Тој се осврна и на намалувањето на бројот на големите градежни компании, што, според него, влијае врз опаѓањето на квалитетот во секторот.
-Во Македонија некогаш постоеја 4 големи градежни компании – „Гранит“, „Пелагонија“, „Маврово“ и „Бетон“, а денес работи само „Гранит“. Пропаѓањето на другите градежни компании не е поттик за нас – кога си сам, остануваш неразбран, без вистинска конкуренција и без поттик за напредок. Затоа што нема со кого да се споредуваш, се приспособуваш на критериумите на послабите компании. Според тоа, напредок може да има само кога имаш со кого да се споредуваш, а тоа денес го постигнуваме преку проектите на странските пазари – објасни Серафимовски.
Претседателот на Здружението за градежништво при СКСМ, укажал и дека интересот за градежништвото опаѓа, што резултира со намален број на студенти кои се запишуваат на Градежниот факултет. Говорејќи за цените на недвижностите, Серафимовски посочи дека нивниот раст е резултат на зголемената побарувачка, а пазарот ги диктира цените. Тој истакна еден феномен во нашата земја – населението инвестира во недвижности, и тоа уште во почетните фази на изградбата, а поради големата побарувачка растат и цените на недвижностите.


