Германската железница на аукција продава стотици заборавени велосипеди
Германскиот железнички оператор „Дојче бан“ во следните недели ќе продаде на аукција стотици велосипеди оставени на станиците низ Германија, јавуваат локалните медиуми.
Препорачано
Железничката компанија објави дека се планира да се одржат неколку аукции до крајот на мај, а ќе бидат организирани во поголемите градови меѓу кои Берлин, Лајпциг, Дрезден и Минхен.
Компанијата годишно наоѓа во просек околу 2.700 велосипеди на околу 5.400 свои станици низ целата земја, според портпаролката на „Дојче бан“.
Околу половина од овие велосипеди се продаваат на аукција откако ќе се чуваат најмалку 10 недели, додека оние во лоша состојба се фрлаат, рече таа.
Цената на велосипедот на аукција варира во зависност од состојбата и видот. Во просек, велосипедите се продаваат за околу 60 евра, рече портпаролката, а некои е-велосипеди се и по цена од повеќе од 300 евра, иако тие поретко се забораваат.
Аукциите во градовите како Берлин имаат тенденција да привлечат голем број луѓе, создавајќи конкуренција за понудите. Сепак, купувачите кои бараат детски велосипеди може да имаат поголеми шанси, бидејќи побарувачката е обично помала во оваа категорија, велат од агенцијата.


