Визз Ер авион / Фото: Драган Митрески

Генералниот директор на „Визер“: Во Скопје го носиме најбараниот и најдобриот авион во светот

За околу три недели во базата на „Визер“ во Скопје ќе пристигне уште еден авион, кој е шестиот по ред. Исто така, компанијата ја менува, односно осовремененува флотата со авиони со понова технологија и со поголеми авиони, со повеќе седишта, вели генералниот директор на „Визер“, Јозеф Варади, во интервју за МИА.

Тој нагласува дека и покрај сите предизвици, со кои се соочуваат сите авиокомпании, тие остануваат посветени на проширување на мрежата, на зголемување на бројот на летови на постојните дестинации, но и на задржување на ниските цени на услугите што ги нудат, за да бидат подостапни за граѓаните.

Варади вели дека флотата од авиони со 180 седишта ќе стане флота од авиони со 239 седишта, и тоа, како што нагласува, ќе биде од големо значење, бидејќи „Скопје ќе ја добие најдобрата и најсовремената технологија што и е достапна на компанијата“.

Авионот „А321 нео“, со кој работи „Визер“, нагласува Варади, во моментот е најдобриот авион во светот и најбараниот авион од страна на авиокомпаниите. „Визер“ го има тој авион, вели тој, а и Скопје ќе има можност да го користи.

Извршниот директор на „Виз Ер“ доби бонус од 2,3 милиони евра

Варади истакнува дека компанијата има добри резултати во земјава. Тој смета дека повеќето од маршрутите, што ги опслужуваат, се релевантни за потребите на потрошувачите и нагласува дека од „Визер“ се обидуваат да разберат каде сакаат луѓето да патуваат. Во основа, како што потенцира, разгледуваат три сегменти.

— Секако, со оглед на историјата на земјата, имате голема дијаспора. Македонците, кои живеат во странство, сакаат да се поврзат со татковината. Второ, Македонија станува сè порелевантна за туристички цели, за патниците. Значи, сакаме да се осигураме дека ќе создадеме инфраструктура, врска, поврзаност за зголемување на туризмот, тука во Македонија. И трето, како што расте средната класа, луѓето имаат повеќе пари за трошење и сакаат да поминуваат време на семејни одмори, да посетуваат градови итн. Значи, се обидуваме да обезбедиме инфраструктура и за тие цели — вели Варади.

Целта, додава, им е да продолжат да го раздвижуваат пазарот со нови можности и со нови линии, но и да се осигураат дека постојните линии имаат почести летови, повеќе седишта.

За „Визер“ најголемиот предизвик оваа година, и до одредена мера и следната година, е процесот на закрепнување по ситуацијата со моторите на нивните авиони, откако еден мотор, кој го користат авионите на компанијата, бил повлечен од произведувачот за проверка и за промена на одредени делови. Поради ова, вели, околу 20-25 отсто од флотата со авиони била приземјена. Според него, таа ситуација постепено се надминува, па сè помалку авиони се приземјени, но ова, потенцира, сè уште има големо влијание.

— Овој процес бара многу напори и внимание од компанијата. Но, истовремено, мислам дека сега, со новите испораки на авиони од „Ербас“, повторно растеме и тоа значително. Ако ги погледнете бројките за оваа година, превезуваме 72 милиони патници на ниво на целата компанија. Следната година очекуваме да превезуваме повеќе од 80 милиони патници. Па така, во следните неколку години, секоја година да додаваме околу 10 или повеќе милиони патници — вели Варади.

И компанијата со која раководи, но и сите европски авиокомпании, како што нагласува, се погодени од инфлацијата. Но, потенцира тој, разликата е што повеќето авиокомпании едноставно ги зголемуваат цените на услугите, а „Визер“ не.

— Имаат поголеми трошоци, па ги зголемуваат цените. Ние тоа не го правиме. Она што го правиме е да се обидеме да ги ублажиме овие предизвици со создавање поголема ефикасност во системот, како на пример, со примена на нова технологија, обновување на авионите, што на некој начин ја подобрува економичноста на работењето на авионите и може да го надомести притисокот од инфлацијата. Затоа не очекуваме зголемување на цените. Се обидуваме да го задржиме нивото на цените колку што можеме — вели Варади во интервјуто.

Извор: МИА

„Визер“ воведува уште една авиолинија до Германија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот