Гејтс: Светот мора да е подготвен за следната пандемија

Бил Гејтс
Бил Гејтс / Фото: EPA-EFE/HOLLIE ADAMS

Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, вели дека е потребен огромен напор за истражување во вредност од десетици милијарди долари за да се осигура дека светот е подобро подготвен за следната пандемија, која може да биде многу полоша од моменталната.

Тој вели дека е „целосно разочаран“ поради бројот на смртни случаи од коронавирус, како и од економската штета предизвикана од пандемијата, а смета дека потребно е да се финансира повеќе за подобрување на вакцините, третманите и дијагностичките тестови што ќе бидат потребни за поефикасна борба против следната пандемија.

„Не добивме вакцини што спречуваат инфекција“

„Не добивме вакцини кои спречуваат инфекција. Вакцините што ги имаме го чуваат нашето здравје, но тие само малку го намалија преносот. Ни треба нов начин за правење вакцини“, рече Гејтс во интервју за Policy Exchange.

Експертската група за ефикасност на вакцините на САД проценува дека „АстраЗенека“ нуди 65 проценти заштита од инфекција по две дози, а „Фајзер“ нуди 75 проценти заштита. И двете вакцини треба да бидат околу 95% ефективни во заштитата од хоспитализација. Меѓутоа, проблемот е што имунитетот стекнат по вакцинацијата слабее со текот на времето.

Гејтс е незадоволен што нема ефективни третмани за лекување од ковид, додавајќи дека иако дексаметазон и новиот антивирусен лек молнупиравир може да помогнат, ефектот од терапијата е „многу помал од очекуваното“.

Предупредил за пандемија во 2014 година

Гејтс, кој во 2014 година во шоуто ТЕД предупреди дека светот не е подготвен за следната пандемија, рече дека се надева дека за пет години ќе напише книга за тоа како тоа повеќе не е така.

„Ќе бидат потребни десетици милијарди долари инвестиции во истражување и развој и веројатно околу милијарда годишно за работна група за пандемија на ниво на Светска здравствена организација“, рече Гејтс.

„Постојат природно предизвикани епидемии и оние предизвикани од биотероризам кои би можеле да бидат уште полоши од она што го доживуваме денес. Развојот на медицинската наука треба да ни ги даде вистинските алатки. Така што тоа треба да ни биде приоритет. Следната година ќе мора да издвоиме за овие проекти“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот