Газда Деко ни здравствено не го осигурал управителот кој загина во „Пулс“
Газдата на дивото кабаре „Пулс“ Дејан Јованов – Деко го поставил Александар Карадаковски за управител на „ММММ кафе“, фирмата која управувала со „Пулс“ бидејќи немало кој, а за да не му пропадне лиценцата. Иако го поставил за управител, Карадаковски еден период немал ни здравствено осигурување.
Препорачано
Ова произлегува од исказот на таткото на Александар, Наско Карадаковски, кој сведочеше на денешното рочиште. Младиот Александар кој бил пријател на синот на Деко, Михајло Јованов, всушност почина на лекување во Литванија и беше 60-та жртва на трагедијата.
Александар работел како шанкер во кафулето „Тренд“ во Скопје, а во 2018 година се вратил да работи во Кочани, во кафулето „Класик“, во центарот на Кочани, исто така во сопственост на Јованови. Иако бил управител, Александар до 2021 година немал ниту здравствено осигурување. Цело време работел во „Класик“ и никогаш не одел на работа во „Пулс“.
Таткото тврдеше дека Александар никогаш не бил сопственик, иако во обвинението се водел како сопственик и управител. Дека син му е управител и немал здравствено осигурување, татко му дознал кога Александар се повредил додека ја реновирале дискотеката.
Според извештајот од ПИОМ, таткото рече дека првото пријавување на Александар како редовно вработен е од 2021 година во кафулето „Класик“.
– На 10 јули 2024 година ми се јави пријател, тогаш возеше такси, и ми рече дека Александар го повикал во пет часот наутро да го однесе до болница бидејќи не може сам. Тогаш пријателот ме праша, знам дека Александар работи подолго време таму, зарем нема здравствено, зошто сè си плаќа сам. Тогаш го прашав Александар, ми рече нема покриено здравство. Јас му реков, тогаш пријави се во Бирото за вработување, барем ќе имаш здравствено, и тогаш тој ми кажа дека не може зашто е управител – рече сведокот.
Сведокот рече дека се изненадил и почнал да го прашува зошто си управител, на што Александар му рекол дека Деко го замолил зашто „немал кого да постави, а за да не му пропадне лиценцата“, па него го пријавил.
– Тогаш многу ме изненади и го прашав дали знае кои се одговорностите на управител и го прашав дали знае и дали оди во банка и води сметководство, ми рече – не, тоа си го прават Деко и Михајло. Мене веќе почна да ме фаќа паника и му реков да оди кај Деко и тоа да го среди. Ми рече имале уште две-три рати од кредитот, па ќе средат, но ништо од тоа – рече сведокот.
Таткото работел во Германија и бидејќи го фатило паника планирал да се расправа со Деко, но Александар го молел да „не прави глупости“.
-Тогаш ми рече, Михајло толку многу се има искарано за тоа со татко му, дури и се иселил од дома. И тогаш подлегнав на неговата молба, но му дадов број од адвокат да се консултира тоа да го заврши без Деко. Рече се консултирал, да поминат празниците, ќе виделе што може, што не може – рече сведокот.
Александар бил нервозен тој период, татко му му вршел притисок, не сакал да зборува за тоа, зашто бил свесен дека може да заглави со големи давачки и долгови кон доверители и фирми.
– Тој период веќе и имаше одбивност да оди на работа – рече сведокот.
Прашан дали Александар имал проблеми со контроли и даночни пријави, сведокот рече дека немал такво нешто и дека никогаш не се пожалил за тоа.
На прашање од судот да објасни каде сè точно работел Александар, сведокот рече дека во 2016 работи во „Лизинг“ – Скопје, од 2016 до 2018 работи во „Тренд старс“ – Скопје, а од 11 јуни 2021, со прекин од десетина дена во јули 2024 година, кога бил пријавен во „Карго бит“, сѐ до последен момент работел во „МММ кафе“ ДООЕЛ Кочани.
На прашање на бранителот на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко дали Александар работел во фирма кај Деко или Михајло, сведокот рече дека Александар рекол дека работел кај Михајло и дека тој не знае кој е сопственик на фирмата.
Таткото на Карадаков беше единствен сведок на денешното рочиште бидејќи вториот сведок, иако бил уредно повикан, не се појавил во судница, а јавниот обвинител немал добиено известување дали отсуството е оправдано или не. Судијката која го води судењето, Диана Груевска – Илиевска рече дека доколку сведокот не се појави на следното рочиште ќе издаде налог за спровод. Следното рочиште е в четврток.


