Фото: Приватна архива

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Гурабии

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, профилот на Фејсбук и Инстаграм, е вистинска кулинарска креативка – нејзините рецепти се пријатни и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: гурабии.

– Некои рецепти ги носат најубавите вкусови на детството, но кога ќе се додаде малку модерна нота – добиваме совршен спој на традиција и префинетост. Овие гурабии се токму такви: со путер за нежен, богат вкус, со печени бадеми за крцкава текстура и со кора од лимон што внесува свежина и арома што се памети. Едноставни за правење, а доволно посебни за секоја пригода – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки:

• 250 г путер (омекнат на собна температура)
• 100 г шеќер во прав
• 1 јајце
• 1 жолчка
• 1 лажичка екстракт од ванила
• кора од 1 органски лимон (рендана)
• 300 г брашно (тип 400 или меко)
• 1 лажичка прашок за печиво
• 150 г сечкани печени бадеми
• прстофат сол
• шеќер во прав за валкање

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Ставете ги бадемите на плех и печете ги во рерна на 180 степени Целзиусови околу 8–10 минути, додека не добијат златна боја. Оставете да се изладат, па крупно исечкајте ги.

Во длабок сад изматете го путерот со шеќерот во прав околу 5 минути, додека смесата не стане светла и пенеста. Додајте ги јајцето, жолчката, ванилата и кората од лимон. Измешајте добро.

Во друг сад измешајте ги брашното, прашокот за печиво и прстофат сол. Постепено додавајте ги во смесата со путер, мешајќи со дрвена лажица или со миксер. На крај додадете ги сечканите печени бадеми и соединете ја смесата. Ако тестото е премногу меко, ставете го во фрижидер 15–20 минути.

Од тестото обликувајте мали топчиња или полумесечини. Наредете ги на плех обложен со хартија за печење.

Печете ги во загреана рерна на 170 степени Целзеусови околу 15 минути или додека не добијат светло златна боја.

Додека се сè уште топли, но не врели, внимателно „извалкајте“ ги во обилен слој шеќер во прав. Оставете ги да се изладат целосно и потоа повторно посипете ги.

На здравје сладење!

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот