Галетановски: Секогаш сум тука за ЗОО Скопје, да помагам за животните

Откако дел од вработените во Зоолошката градина Скопје побараа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да го врати за директор Ѓорги Галетановски, нема придвижување во таа насока.

Војо Иванов, кој со години работи во Зоолошката како негувател, го повика градоначалникот да размисли за тоа кому ќе му ја даде довербата да директорува со Зоолошката, која догодина треба да прослави 100 години постоење.

-Следната година треба да славиме 100 години постоење, не сум сигурен со сегашната состојба дали нешто има за славење, за жал управувавме со институција во која енергијата на дневна основа многу се рефлектира на животните и секако посетителите можат исто така да ја почувствуваат – напиша Иванов.

Тој предупреди на ризик за нови експерименти и дека институцијата е во многу тешка состојба.

-Би сакал да нè води човек кој ќе нè слуша, кој ќе има пасија и желба да научи за нашата работа, а потоа неопходно, да биде добар менаџер. Мој предлог беше да го вратите Ѓорги Галетановски. Зашто навистина немаме време и капацитет да експериментираме, а тој се надевам ќе се откаже од сегашните ангажмани и ќе се врати. Мислам дека со годините покажав доволно дека немам никакви амбиции да бидам на таа функција! Затоа и молам статусов да не се доживее за таков, уживам денот да го поминам во штала, во базен, да мирисам на бара, риба, по малце на камили, да бидам искасан од пингвини, а во џебовите да перам кликери и таблети, витамини, уживам да шетам и да им раскажувам на децата за природата, па дури и да урлам и да се карам за викенди со публика. Барам само да можеме да работиме, му напиша Војо Иванов на градоначалникот. 

„Слободен печат“ се обрати до Галетановски за негов коментар.

-Знам дека ЗОО Скопје е во многу лоша состојба и се надевам дека ќе дојдат подобри времиња за некогаш најпосетената институција во Македонија. Јас и во минатиот период никогаш не ги оставив и им помагав колку можам и на вработените и на животните. Им благодарам на вработените во ЗОО, јавноста и вам медиумите за грижата за ЗОО и животните. Јас сум моментално советник во град Скопје избран од граѓаните и не сум размислувал нити разговарал за мое враќање таму и секогаш ќе бидам достапен за нив и за животните и колку можам ќе помагам, изјави за „Слободен печат“ Галетановски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот