ГАЛЕРИЈА: Ова е Давид Неделковски – козар кој се чувстува како Козак – слободен човек, во хармонија со природата, на пасиштата од својот прадедо

Давид Неделковски е 30-годишен фармер, кој заедно со своето семејство во селото Раштак, на Скопска Црна Гора, одгледуваат кози и вршат обработка на млеко и млечни производи. Давид за себе вели дека повеќе се чувствува како „козак“ – што во буквален превод значи „слободен човек“, отколку козар. Неговите зборови за семејната приказна ви ги пренесуваме во целост:

– Нашата е една од оние приказни за преселбата од град во село, ние тоа го направивме пред 10 – ина години. Селото Раштак се наоѓа во непосредна близина на Скопје, што е голема предност, но јас сè поретко се симнувам, поинтересно ми е времето да го поминувам на фармата или во планина, особено овој период кога почнува за збеснува вегетацијата и да цветаат билките. Некако ми е драго што се одлучив да ги поминувам деновите по истите пасишта по кои поминувал и мојот прадедо, и секако таму да се насладувам.

„Воопшто не ми е на памет да се вратам во Скопје, само го уживам кога ќе ми притреба промена, знам повремено да се симнам (сè помалку) на некое пивце и куса средба“

Давид раскажува дека после поминати десет години на село, речиси и да не се сеќава на тоа каков живот водел пред да се преселат во Раштак. Најверојатно вели, дека имал побезгрижен живот поради годините и свеста, односно стадиумот на времето. Во паметењето, како најдрага локација му е врежан Градскиот парк, каде повеќе практикувал седење на отворено и лежење на трева, отколку кафуле, и продолжува:

– Но, со тоа време расчистив, ми се допаѓа што го избрав овој свет, ми се допаѓа секој ден што ми почнува со сите што ме сакаат: кучињата, мачињата, јарињата, козите, јарците, ластовичките. Воопшто не ми е на памет да се вратам во Скопје, само го уживам кога ќе ми притреба промена, знам повремено да се симнам (сè помалку) на некое пивце и куса средба. Додека во Раштак има простор за многу креативност. Тука морам да им се заблагодарам на друштвото „Сметлана и комшиите“ за еко акцијата, мислам дека ќе следи уште една акција. Ни го извадија сиот срам, ќе се потрудам наредната акција да учествувам. Секоја чест!

„Ми се допаѓа што го избрав овој свет, ми се допаѓа секој ден што ми почнува со сите што ме сакаат: кучињата, мачињата, јарињата, козите, јарците, ластовичките“

Авантурата наречена „Кози Млеко Планина“

Да се донесе една ваква одлука, за драстична промена во начинот на живот, во најмала рака, буди многу дилеми. Долго време, во семејстовото Неделковски одлуката била предмет на дискусија, за на крајот, со гласање, по демократски пат, било изгласано да ја започнат авантурата „Кози Млеко Планина“, тоа е името на нивната фарма.

– Ова е правата пригода да им заблагодарам на моите родители за непрекинатиот труд и пожртвуваност кои што го вложуваат. Без било кој од нас, сето ова би било невозможно. На почетокот планот беше да се сработат козите и млекото и да се враќаме во град. Со текот на времето, почнавме сè почесто да остануваме и тоа е добро, на тој начин заживува нештото, раскажува нашиот Козак.

Давид за себе вели дека повеќе се чувствува како „козак“ – што во буквален превод значи „слободен човек“

Кога се преселиле на село, Давид имал околу дваесет години, што за некои од неговите пријатели претставувало храброст, додека па други го сметале потегот за лудост. Сепак, за Давид било најважно да ја следи сопствената визија, иако се чувствува пријатно и мотивирано кога некој ќе го поддржи и охрабри, па вели:

– Пред десетина години на Козарството се гледаше како на дно… полека, но сигурно се менува таа перцепција и тоа е нормално, за мене лично ова премина во пасија, вистинско задоволство е дегустација на производите горе во планина со некоја квалитетна пијачка, помеѓу козите. Волшебно.

Денот почнува со горко кафе и напорна фармерска работа

На падините на Скопска Црна Гора овој млад и посебен човек има сосема поинаква дневна рутина.  

– Без разлика на кој дел од сезоната се наоѓаме, стандард е наутро горко кафе, 2-3 цигари со него и 20 минути сакам да молчам, додека молчам планирам од каде да почнам да ги решавам предизвиците. Сега се наоѓаме во фаза каде што јарињата во голема мера се одбиени од цицање, но сè уште не работиме со полн капацитет, бидејќи имаме малечки јариња кои сè уште цицаат, па следи молзењето пропратено со сите хигиенски зафати, со цел да добиеме чисто млеко, кое по молзењето, оди веднаш на обработка, а козите во планина каде го создаваат млекото за наредното молзење. Тука правам петка – глава, дали ќе продолжам во планина или во работилница со млекото и вртење на сирењата кои се сушат. Сè уште се зголемува денот, што за нас значи повеќе работа, а тоа пак само по себе, спокоен сон.

Кога се преселиле на село, Давид имал околу дваесет години, што за некои од неговите пријатели претставувало храброст, додека па други го сметале потегот за лудост

Во однос на идните планови за развој на „Кози Млеко Планина“, Давид вели дека ги има премногу, до тој степен што се соочува со страшното сознание дека нема да може да постигне сè во овој живот. Затоа вели, дека се посветува на подредување на приоритетите, како и конектирање со луѓе од различни свери и познавања, и во таа насока додава:

– Не би сакал јавно да се заветам за моите тежнеења, потоа притисокот ми е сериозен проблем, најважно е козите да бидат среќни и да даваат млеко божилак, тоа е основата. Но сигурно е дека во блиска иднина ќе пишувам на тема сирово млеко и производи од сирово млеко, методите за безбедно млеко и релациите помеѓу фармерот и ветеринарите, третманот на животните и здравите фармерски практики, но и украсени даски и чинии со помош на пријателите слоу фуд Македонија, со едукативна содржина од која ќе учиме и ние, но и сите кои имаат интерес околу сето ова, како за љубителите на природни и здрави млечни производи, но и како размена на искуства со нашите колеги.

Неколку пораки до сите вљубеници во планините

Вели дека не постои посебна процедура за оние кои сакаат лично да ја посетат фармата, но дека се раководат според обемот на обврските. Не можат да прифатат гости кога сметаат дека не е сè како што треба да биде, па затоа практикуваат однапред договарање со посетителите.

Во тек е и проширување на соработката со geniune experiences (платформа за автентични туристички искуства), каде се надеваат дека нивната фарма наскоро ќе биде достапна. Дел од нивната понуда би била прошетка со козите, дегустации, едукативни содржини и слично.

Овој прекрасен разговор, Давид го завршува се една порака, важна да ја запамети секој од нас:

– Сè почесто сретнуваме луѓе по планината, ги советуваме да одат во светла долга облека заради крлежи во планината, немојте да оставате влажни марамчиња по планината, немојте да шетате милениче каде што можете да наидете на стадо, имајте добро здравје и бистар ум.

„Пред десетина години на Козарството се гледаше како на дно… полека, но сигурно се менува таа перцепција и тоа е нормално, за мене лично ова премина во пасија, вистинско задоволство е дегустација на производите горе во планина со некоја квалитетна пијачка, помеѓу козите. Волшебно.“

Доколку во овој разговор не успеавме да Ви доближиме сè што сакате да знаете за Кози Млеко Планина, ова е линкот до нивниот интаграм профил, каде, ако ништо друго, ќе се изнагледате еден куп прекрасни фотографии:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот