ФОТО | Младите од Блатец денес ѝ се приклучуваат на блокадата кај Виница, во одбрана на реката Блатешница
Младите од село Блатец, вклучени во иницијативата „За чисто Блатец“, најавија дека денес, петок 20 февруари, од 15 до 17 часот излегуваат на протест на местото Скараница. Тие ќе го блокираат регионалниот пат Виница – Берово, како револт против најавите за изградба на хидроцентрала на реката Блатешница.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Ние младите од Блатец не стоиме настрана – работиме, обновуваме и го чуваме своето. Ги реновираме чешмите, ја чуваме природата и ја браниме реката. Да покажеме масовност и заедништво кога се брани татковината“, стои во повикот на иницијативата „За чисто Блатец“.



Покрај редовните блокади и најавите за денешниот протест, граѓаните објавија и петиција. Освен стопирање на изградбата на хидроцентралата, бараат да се спроведе независна и целосна еколошка и хидролошка студија. Исто така, институциите да гарантираат заштита на водоснабдувањето, да ја почитуваат волјата на локалците, како и да вложат во одржливи и еколошки прифатливи алтернативи.
Отворена е петиција против изградба на хидроцентрала на реката Блатешница
Според иницијативата, постои опасност да исчезнат 40 селски чешми.
„Водата што ги храни нивите и животот на граѓаните од Кочани, Виница и околните села исчезнува. Без Блатешница – нема вода и нема живот“, соопштија од „За чисто Блатец“.
Од иницијатативата испратија и фотографии од реката, која извира на источната падина на планината Плачковица. Притоа поминува низ селото Блатец, а на крај се влева во Малешевска Река. Има слично подрачје од над 20 километри. Ако таа е загрозена, како што рекоа, ќе биде загрозенено земјоделието, културите и околната природа.








Фото: „За чист Блатец“


