Г.г. Стефан: Повикуваме на прифаќање на мерките, чување на здравјето, навремено примање лекови и вакцини

Фото Архива на СП

Велигден, денот на Христовото воскресение, е празник на животот и настан што ја промени историјата на светот. Воскреснатиот Господ е почеток и крај, и под небото нема друго име со кое би можеле да се спасиме. Оттаму Христовото Воскресение е нашата непоколеблива надеж, зашто „од смртта кон животот и од земјата кон Небото, Христос Бог нè преведе”. Затоа, животот на секој христијанин, треба постојано да се напојува и да се храни од верата во славното Христово Воскресение, истакнува во велигденското обраќање архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

И тој неповторлив настан, посочува г.г. Стефан, не треба да се доживува како празнување заради празнување, туку треба да биде вистинско сведочење, со учество во сеспасителната победа на животот над смртта.

-Живееме во време со постојани искушенија. А како и сиот свет, и ние се соочуваме со здравствени проблеми – со ширењето на заразната болест, кое продре во сите сегменти од живеењето. Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и на спроведување на предвидените мерки, на претпазливо чување на своето и на здравјето на другите, како и навремено примање на соодветни лекарства и вакцини. Исто така, потребно е да се оддадеме и на постојана молитва: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста, потенцира архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Господ Христос, преку Својата жртва, го победи секое страдање и ни донесе радост, која никој не може да ни ја одземе. Затоа, да Му благодариме за сѐ на Бога ‒ распнатиот и воскреснатиот, покорувајќи се на Неговата волја и молејќи Го да ни дарува трпение и послушание, да нѐ упати кон секое добро дело, да нѐ утврди во верата и да нѐ подготви за достојни исполнители на Неговото Свето Евангелие.

Честитајќи ви го Празникот над празниците, на сите чеда на Мајката Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот – ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: Христос Воскресе!, истакнува г.г. Стефан во Велигденското обраќање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот