Фронтменот на „Рамштајн“ обвинет дека дрогирал и сексуално малтретирал обожавателка

Фото: Malte Krudewig / AFP/ Profimedia

Познатиот германски бенд „Рамштајн“ ја започна својата европска турнеја во Вилнус, главниот град на Литванија. На овој концерт била младата Шелби Лин, од Ирска, која неколку дена подоцна на Твитер напиша дека фронтменот на бендот, Тил Линдеман се обидел да ја принуди на секс, пренесува „Дојче веле“.

Фото: Instagram/ rammsteinofficial

Имено, таа била поканета на забава пред концертот, каде го запознала Линдеман, кој според нејзините раскажувања сакал да има секс со неа. Шелби вели дека го одбила, на што Линдеман наводно реагирал многу агресивно.

Покрај тоа, таа се сомнева дека ѝ дале некаква дрога, бидејќи вели дека испила само два алкохолни пијалаци и една чаша текила, а не се сеќава на ништо што се случило.

Во следните твитови, таа вели дека кога се разбудила во хотелот, почувствувала болка и мачнина, а имала и модринки по целото тело. Лин објави и видео во кое раскажува дека била испрашувана од литванската полиција пет часа преку видеоврска.

Линдеман сè уште нема дадено коментар, додека бендот преку социјалните мрежи ги отфрли обвинувањата, велејќи дека такво нешто не се случило во нивна близина, а не биле ни свесни дека властите водат истрага.

Оваа приказна кружеше на социјалните мрежи и предизвика жестоки дискусии. Некои жени тврдат дека имале слични искуства и ѝ изразија целосна поддршка на Шелби, додека други предупредуваат дека треба да се внимава со ваквите обвинувања, додека тие не се докажат. Сепак, многу обожаватели на „Рамштајн“ сметаат дека бендот премалку објаснувања и коментари во врска со случајот.

Инаку, сите објави на профилот на Шелби се однесуваат на случајот. Меѓу бројните објави, таа напишала дека треба внимателно да се прочитаат сите нејзини објави и да не се донесуваат избрзани заклучоци. Сега, останува на литванските истражители да го расчистат случајот. Во моментов сè уште се смета дека пејачот Линдеман е невин.

Турнејата на „Рамштајн“ започна на 22 мај во Вилнус и ќе трае цело лето, со настапи во цела Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот