Франкојанис: Грција е посветена на соработка и на европската перспектива на Северна Македонија

Костас Франкојанис/ Фото: МИА

Сакам да разјаснам и уште еднаш да ја истакнам посветеноста на сите нас и на Вашата партија, но и на Владата за европската перспектива на Западен Балкан, а, секако, посебно на Северна Македонија, рече заменик-шефот на грчката дипломатија, Костас Франкојанис одговарајќи на пратеничко прашање на одговорниот за надворешна политика во опозициската СИРИЗА, Јоргос Катругалос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, заменик-министерот за надворешни работи на Грција, говорејќи за Договорот од Преспа, ја повтори позицијата на „Нова демократија“ дека тој можело „да се склучи на покорисен начин за грчките национални интереси”, но кога е веќе постигнат, Владата го имплементира.

– Ќе се стремиме кон продлабочување на односите со нашиот северен сосед во рамки на взаемно корисна соработка. Истовремено, јасно е дека нема да толерираме нецелосно усогласување, вклучувајќи ги и прашањата за учебниците и заштитата на производите, рече Франкојанис.

Катругалос достави прашања до грчкото МНР за имплементацијата на Договорот од Преспа во однос на работата на комисиите што произлегуваат од Договорот, како и за тоа кога ќе бидат ратификувани трите меморандуми, што од средината на септември минатата година се доставени во Парламентот.

– Еден од овие Меморандуми, оној што се однесува на воздушниот простор на Северна Македонија, јасно е дека е во корист на националниот интерес, ги рушиме напорите за опколување што ги прави нашиот источени сосед на северната граници и секое доцнење во овој сектор, очигледно ги поткопува нашите национални интереси. Значајно доцнење има и во однос на предвидувањата во Договорот за повлекување на иредентистичките книги и заштитата на нашите трговски производи, истакна Катругалос и додаде дека досега, согласно договорот, требало да постојат два годишни извештаја од Комисијата за учебниците и да бидат повлечени, како што рече „иредентистичките учебници”.

Додека пак за втората, Комисијата за трговски ознаки истакна дека од 2019 година требало да биде формирана меѓународна експертска група, бидејќи има рок од три години и ќе треба до средината на 2021 да биде завршен конечниот извештај со заклучоците.

– Министерството за надворешни работи се грижи за систематско и искрено спроведување на сите аспекти на Договорот од Преспа и бара апсолутно спроведување и посветеност кон Договорот и од другата страна. Тоа беше истакнато и за време на неодамнешната посета на Османи дека е потребен поголем напредок во неговото спроведување, рече заменик-шефот на грчката дипломатија.

Во однос на меморандумите, Франкојанис кусо одговори дека веќе се испратени до Парламентот за ратификација. За комисиите објасни дека Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања одржал два состанока, на 19 октомври и на 16 декември во 2020 години, „па така не станува збор за доцнење на работата, а напротив, во тек е планирана и нова средба во текот на февруари 2021 година”.

– За прашањето што го поставувате за почеток на институционалниот дијалог меѓу бизнис заедниците за трговските ознаки и имињата, би сакал да истакнам дека грчката страна уште од минатиот јуни испрати допис со покана до другата страна за почеток на дијалогот, рече Франкојанис.

Тој објасни дека конкретното прашање било покренато од Дендиас на средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи во Атина, кој ја уверил грчката страна дека постои волја од бизнис заедницата во Северна Македонија за активирање на дијалогот, „изразувајќи ја неговата убеденост дека набргу ќе има позитивна разврска”.

– Според наши информации, набргу, како што ни кажа и министерот за надворешни работи на соседната земја, името на комората, што е едно од пречките, ќе се смени во „Chamber of commerce of North Macedonia” наместо „Macedonian chamber of commerce”, рече заменик-шефот на грчката дипломатија.

На коментарите од Катругалос за неактивност на Министерството за надворешни работи, Франкојанис објасни дека тие како Влада се наоѓаат пред три тешкотии со кои треба да управуваат.

– Првата тешкотија е дека Договорот од Преспа е договор, со кој како партија не се согласуваме. Веруваме дека на поразличен начин ќе управувавме и немаше да постојат нејаснотиите што постојат. Втората тешкотија е реалноста, пандемијата која ни ја отежнува комуникацијата и дополнителната разработка на темите што произлегуваат од Договорот. Третата тешкотија е поврзана со фактот дека во соседната земја имаше избори, имаше период на политичка нестабилност. Ако не грешам тоа беше период од шест-седум месеци од најавата на изборите до изборот на новата Влада. Но, и покрај ова многу активности одеа напред, со добра волја и со главен критериум да ги ублажиме негативните аспекти на овој договор, објасни заменик-министерот за надворешни работи на Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот