Франка Виола, девојката која му кажа „не“ на својот злоставувач

Наместо да се омажи за својот вереник, кој ја киднапирал и злоставувал, Италијанката Франка Виола го одвела на суд. Имала само 17 години, но била доволно храбра да се спротивстави и на тогашниот закон и на традицијата.

Принтскрин од италијанскиот весник Epoca / 1966 / Принтскрин

Пред педесетина години Италија била потресена од храброста на една жена да го промени начинот на кој жените – жртви на силувачи биле третирани со векови. За жал, иако ова изгледа како далечно минато, оваа тема е сè уште актуелна насекаде низ светот, секако и кај нас. Во 60-те години на минатиот век, Франка Виола стана прва Италијанка која одбила да се омажи за својот силувач, и успеала наместо пред олтар да го однесе на суд.

Ставот на Франка Виола бил предупредување кон општеството: „Јас не сум сопственост на никого, никој не може да ме присили да сакам личност што не ја почитувам, честа ја губат оние што прават нечесни работи, а не оние што ги претрпеле“ / Викимедиа

Франческа Франка Виола е родена во скромно семејство на земјоделци, во 1948 година, во сицилијанскиот град Алкамо, во годините во кои земјоделската реформа донела големи промени во Сицилија, кога се родила класа на малосопственици, кои станале нови земјопоседници. На петнаесет години, со согласност на нејзините родители, Франка се свршила со Филипо Мелодиа, момче од богато семејство и внук на локален мафијаш.

Филипо Мелодиа

Бидејќи Мелодиа бил обвинет за кражба и припадност на мафијашка банда, таткото на Франка решил да ја раскине веридбата. Мелодиа емигрирал во Германија, а веднаш штом се вратил, по краток период поминат во затвор, опсесивно почнал да ја прогонува поранешната свршеничка. Заканите биле вербални, до закани со оружје насочени кон нејзиниот татко, Бернардо Виола, за да го натера да се откаже од старателството над својата ќерка. Во целиот тој кошмар им бил запален и дел од имотот.

Сепак, вистинскиот кошмар за Франка допрва следувал.

Киднапирање и злоставување

На ден после Божиќ, во 1965 година, Мелодиа со уште дванеасет соучесници упаднал во домот на семејството Виола, ги киднапирале Франка и нејзиниот шестгодишен брат, кој се обидел да ја заштити, додека на нивната мајка ѝ задале тешки телесни повреди. Братот на Франка го пуштиле неколку часа подоцна, а Франка ја однеле во изолирана локација надвор од градот, потоа во куќата на сестрата на Мелодиа. Оттука почнала најстрашната агонија. Седум дена младата девојка била оставена без храна, била понижувана, исмејувана и злоставувана.

На 6 јануари 1966 година, полицијата го пронашла скривалиштето, и во целиот тој драматичен настан успеала да ја ослободи Франка. Мелодиа бил уапсен заедно со неговите соучесници, но приказната не завршува тука. Мелодиа планирал со склучување брак со Франка да се ослободи од казната која му следувала, зашто таквото злосторство, според традицијата и законите, би било оправдано доколку дојде до „рехабилитациски брак“ – нему би му се простило насилството, а нејзината чест би била вратена.

Седум дена младата девојка била оставена без храна, била понижувана, исмејувана и злоставувана

Сепак, наместо тоа, Франка одлучила да оди на суд – да го тужи злоставувачот за киднапирање, сексуално злоставување и застрашување.

Судењето – вистинска сензација во Италија

Иако Франка била централната личност во целиот судски процес, јавноста ги занемарила нејзините настојувања да се осуди злоставувачот, додека медиумите ја опишувале како згодна, нежна и убава жена.

Франка присуствувала на сите сослушувања со голема храброст. Мелодиа пак, се обидувал дополнително да ја оцрни, а неговите адвокати дури упатиле и  барање за вештачење за да се утврди кога се случило губењето на невиноста на младата девојка. Одбраната се повикувала на љубовта како мотив за злосторството, дека „Мелодиа делувал од љубов, а сега сакаат да го затворат на дваесет години затвор затоа што се вљубил…“. Таткото на Франка пак, Бернардо, бил окарактеризиран како тиранин кој сака да застане на патот меѓу двајцата вљубени и среќни млади луѓе.

Јасниот став на Франка звучел како предупредување кон општеството: „Јас не сум сопственост на никого, никој не може да ме присили да сакам личност што не ја почитувам, честа ја губат оние што прават нечесни работи, а не оние што ги претрпеле“.

Одбраната, на крај сепак не успеала да го прикаже Мелодиа како романтичен јунак, па судењето конечно било завршено. Насилникот бил прогласен за виновен и бил осуден со 11-годишна затворска казна, како и неговите соучесници. Казната подоцна била намалена на десет години, а на повеќето од соучесниците на четири години.

Одбивајќи го понудениот брак од Мелодиа, Франка Виола станала првата жена во Италија која направила такво нешто.

Охрабрила многу жени да кажат „не“

Две години по излегување од затворот, Мелодиа бил убиен во мафијашка пресметка, во 1978 година. Сепак, семејството Виола долго време по судењето живеело во излолација, бидејќи било изложено на закани од мафијата, но и на постојан интерес од страна на медиумите. Франка пак, дополнително била вербално малтретирана со коментари кои се однесувале на нејзините мали шанси за следен брак и дека воопшто некој би се омажил за неа.

Кога на крајот на 1968 година, сепак се омажила за Џузепе Руиси, честитки почнале да пристигнуваат од сите страни, а среќниот брачен пар бил примен и од папата Павле Шести.

Случајот на Франка Виола охрабрил дузина жени да им кажат „не“ на своите сопрузи и вереници – злоставувачи. И не само во Италија, нејзиниот подвиг бил внимателно следен и пренесуван од медиумите низ цела Европа. Денес, нејзиното име е синоним за еманципацијата на италијанската жена.

Франка во 2014 година

Повлечената Франка Виола сепак не се профилирала во јавна феминистичка икона. Мајка е на две деца и со сопругот и понатаму живее во Алкамо, има 73 години.

Како што е случај со родово базираните насилства, некои од своите киднапери и денес ги сретнува на улица. „Главно ги избегнувам, но и ако ги сретнам и не им одговорам на поздравот, не можат да ме погледнат во очи“, рекла Франка за нив.

Во 2014 година на Франка Виола ѝ било врачено најголемото државно признание – орден за заслуги.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот